Шефот на асоцијацијата на англиските професионални фудбалери, Гордон Тејлор го зголеми гневот на навивачите на Шефилд Јунајтед, по изјавата дека Чед Еванс ќе може да игра фудбал по излегување од затвор кон крајот на октомври.
Еванс (25), во април 2012-та година беше обвинет и осуден за силување на 19-годишна пијана девојка. Велшанецот уште е во затвор, каде ја издржува 5-годишната казна, но поради добро однесување судот во Шефилд одлучил да го пушти на условна слобода.
„Не знам дека постои закон кој забранува некој да се занимава со нешто по излегувањето од затвор. Нашата асоцијација верува дека Чед Еванс би можел повторно да се врати во фудбалот. Ако заработува од играњето, ќе плаќа данок, а тој данок оди кај луѓето кој не можат да најдат работа или се социјални случаеви", изјавил Тејлор и така ги кренал на нозе потписниците на петицијата и невладините организации.
Во текот на целиот процес, фудбалерот се изјаснувал како невин и дека настанот му е монтиран, само за да му се изнудат пари. Од Шефилд Јунајтед соопштија дека не би имале ништо против Еванс да тренира со нив, а за евентуален договор ќе зависи неговата форма.
„Ако му дозволат пак да игра, тоа ќе биде многу силна порака до силувачите дека нивното дело и не е толку казниво. Во случајов, се работи за позната личност која утре би можела многу да заработува и да биде славна во светот на спортот, при што секој ќе заборави на жртвата на силувањето", изјави Кети Расел, директорка на центарот за грижа на жртвите од силување во Англија и Велс.
Целиот случај со големо внимание се следи на Островот, а сè повеќе луѓе се противат на враќањето во фудбалот на талентираниот играч за врска на Шефилд Јунајтед.