Некои фудбалери често знаат да се замерат со полицијата, откако ќе се степаат во диско или кога возат пијани, но делото за кое што беше осуден овој играч навивачите не сакаат да му простат.
Чад Еванс кој настапуваше во третолигашот Шефилд Јунајтед, во април 2012. година беше осуден на петгодишна казна затвор, откако се утврди дека силувал пијана 19 – годишна девојка.
По наводите од англиските медиуми дека 25 – годишниот Еванс веќе во октомври годинава би можел да излезе од затвор, навивачите на Шефилд Јунајтед одлучно решија да се спротистават на намерата играчот од средниот ред повторно да се вдоми во нивниот клуб.
Управата на тимот од јужна Англија како да останала без слух за оваа петиција, откако членот на управниот одбор, Алан Смит отворено го поддржал младиот Еванс.
„Си ја одлежа својата казна во затвор и ние би сакале да се врати и да игра кај нас. Одлични играчи како него мора да продолжат да играат, ако не кај нас, макар во друг клуб“ – изјавил Смит за медиумите на Островот и така го кренал револтот кај навивачите.
Од друга страна, со петицијата потпишана од 60 илјади поддржувачи на Шефилд Јунајтед, на управата јасно и’ се кажува дека не го сакаат „затвореникот“ назад во екипата.
„Праведно е секој кој си ја отслужил казната да може да си најде работа, но го предупредуваме Шефилд Јунајтед внимателно да се однесува кон случајот во кој бранат човек кој е осуден на 5 – годишна казна. Ако одлучат да го вратат, што е нивно право, ќе треба да замислат каков впечаток ќе остават кај големиот број навивачи.“ – стои во соопштението на фан клубот на Шефилд Јунајтед.
Во меѓувреме се огласија и службите за правата на жените во Англија, кои будно го следат целиот случај.