Ивица Осим наполни 75 години

Штраус од Грбавица незаборавен во Австрија

Едно од најголемите фудбалски имиња на овие простори, во кариерата играше за Жељезничар, Цволе, Стразбур, Седан и Валенсиен а беше тренер на Жељо, Партизан, Панатинаикос, селектор на Југославија и Јапонија. Најголем успех оствари во Австрија каде му приредија голем дочек.

Легендарниот босански тренер доживеа овации во австрискиот град Грац, место каде се прослави со својата тренерска и пред сè човечна умешност.
 
Во пресрет на мечот од 35. коло на австриската лига меѓу Штурм Грац и Матерсбург, на стадионот се појави и Ивица Осим, поранешен тренер на Штурм а навивачите и клубот му приредија убав дочек за 75-от роденден.
 
За тоа колку го сакаат и почитуваат Австријците покажуваат коментарите на официјалната Фејсбук страница на Штурм: „Тоа што Осим го направи овде беше невозможно“, „Никој никогаш не направил колку што направи Ивица“, „Среќен роденден легендо. Те сакаме Иване“. Неговото право име е Иван.
 
 
А што направи Осим со Штурм Грац?
 
Дури три сезони по ред ги внесуваше во групната фаза на Лигата на шампионите, нешто што денес е тотално нереално и невозможно. Во елитата, Штурм играше во сезоните 1998/1999, 1999/2000, 2000/2001 и Австријците под диригентска палка на Штраус од Грбавица не беа топовска храна на големите екипи.
 
Во третата сезона го освоија првото место пред Глазгов Ренџерс, Галатасарај и Монако. Подоцна испаднаа во втората фаза на ова натпреварување во конкуренија на Манчестер Јунајтед и Валенсија која стигна до финалето.