Штрајк на готвачите во кујната на Баерн Минхен, незадоволни што им доцнат плати

Баерн Минхен се соочува со необичен проблем и сосема неочекуван за господски клуб каков што е баварската гордост. Дел од вработените во кујната штрајкуваат зошто не добиле плата. Според Sport Bild, некои работници дури и не дошле на работа.

Необична вест стигнува од Германија. Баерн Минхен им доцнел со плати на работниците во кујната. И покрај гласините дека Баварците решиле да стегнат каиш по скапите трансфери и плати на Садио Мане и Де Лихт, сепак причината е друга.

Проблемот настанал кога на шефот на кујната Алфонс Шубек преку чија компанија Баерн ги исплаќал средствата, му ја блокирале сметката од банка. Против Шубек била покрената истрага за неплатени даноци и штета од околу 2 милиони евра.

Поради блокираната сметка, вработените во кујната два месеци не земале плата. Баерн сега сака што е можно побрзо да го реши проблемот и веднаш да им ги исплати сите средства на вработените за да фудбалерите немаат проблем со појадоците, со ручеците и вечерата.

МИНАТАТА ГОДИНА БАЕРН КРАТЕЛ ПЛАТИ НА НЕВАКЦИНИРАНИ ФУДБАЛЕРИ

Во Минхен веќе имаше необично сценраио со платите: во ноември 2021-ва Баерн ги намалил платите на сите невакцинирани фудбалери. Тие не добиле пари само за периодот на самоизолација кога биле во карантин. Тогаш позитивни биле Ерик Максим Шупо-Мотинг, Микаел Кузианс, Серж Гнабри, Џамал Мусиала и Јошуа Кимих.

За кратење на платите за тој период кога биле во изолација зборувале на средба со управата, со генералниот директор Оливер Кан, со претседателот Херберт Хајнер и со спортскиот директор Хасан Салихамиџиќ. Според Bild, Кимих изгубил околу 768.000 евра зошто неколку пати седел во карантин кога бил позитивен.

БАЕРН ДОМИНИРА НА СИТЕ ФРОНТОВИ

Баварците во септември имаа мала, мини криза но по меѓународната пауза за репрезентативен фудбал почнаа да мелат како што знаат. Прво го згромија Баер Леверкузен со 4:0, па Викторија Плзен во Лига на шампиони 5-0.

Баерн Минхен 31 меч по ред нема пораз во групна фаза на Лига на шампиони и тоа е рекорд. Последен пат изгубиле во ЛШ во 2017-та година од ПСЖ (3:0). Од тогаш имаат дури 28 победи и само 3 нерешени средби, без пораз. На сите дуели дале најмалку по еден гол.

Баерн го урна рекордот на Реал Мадрид од сезоната 2016/2017 кога под водство на Кристијано Роналдо „кралевите“ имаа 30 средби без пораз во групна фаза на ЛШ.

Клубот од Минхен победи на 10 последни натпревари во Лига на шампиони. Садио Мане првпат постигна гол за Баерн во Лига на шампиони и во моментов има 25 погодоци во елитниот турнир со што е трет најдобар стрелец од Африка после Дрогба (44), Салах (41) и Ето (33).

После три кола Баерн Минхен е лидер во својата група во Лига на шампиони со три победи и гол разлика 9:0. Во групата се уште и Барселона, Интер и Викторија Плзен.

7 октомври 2022 - 11:10