Барселона и Реал Мадрид имаат по 35 бода на врвот на табелата на Ла Лига, со тоа што Каталонците се први поради подобрата гол-разлика.
Во случај вечерва Барса да победи, ќе прослави нешто повеќе од три бода - првпат во историјата ќе има повеќе победи од Реал во меѓусебните дуели.
Во сите натпреварувања (не само во Ла Лига), Реал води 96-95 а во Ла Лига скорот е 72-72.
Интересно, Барселона е на само еден гол до магичната бројка од 400 погодоци во Ел Класико. Реал Мадрид и дал 403 на Барселона во сите натпреварувања.
„Кралскиот клуб“ има најлоша серија против Барса уште од декември 2011 година. Реал има 4 порази и 2 нерешени средби. Претходно во декември 2011-та ја прекинаа серијата од седум меча без триумф во Ел Класико во Примера.
Лионел Меси во претходните 3 Ел Класико соочувања не постигна гол ниту асистираше. Никогаш претходно Меси не врзал 4 меча без погодок или асистенција против најголемиот ривал. Вкупно против Реал Меси има 26 гола со што е убедливо најдобар стрелец во Ел Класико. Кристијано Роналдо и Алфредо Ди Стефано имаат по 18, Раул Гонзалес 15, а Ференц Пушкаш 14.
Од друга страна, капитенот на Реал Мадрид Серхио Рамос има шанса да стане играч со најмногу настапи во Ел Класико (43) и со тоа да ги надмине Маноло Санчиз, Франциско Хенто и Чави кои имаат по 42 меча.
Меси има 41 настап и вечерва ќе го израмни клупскиот рекорд на Чави кога мечевите против Реал се во прашање.
Луис Суарез во моментов е играч со 9 постигнати гола против Реал и би можел да стане третиот играч кој му дал 10 комада на Реал Мадрид во Ла Лига. Меси е апсолутен лидер со 18 погодоци а Сезар Родригез постигнал 12 за Барса против Мадриѓаните.
Антоан Гризман од сезоната 2010-2011 е фудбалер кој најчесто ја погаѓал мрежата на Реал Мадрид (7 гола на 18 меча).
Серхи Роберто има шест асистенции на осум меча против Реал Мадрид во Ла Лига, а пет од тие асистенции биле за гол на Луис Суарез. Овие двајца комбинирале најмногу асистенции и голови од сите останати во 21 век (пет).
Зинедин Зидан нема пораз цели 4 меча на Камп Ноу како тренер на Реал во сите натпреварувања (2 победи и 2 нерешени) и би можел да стане прв тренер на Реал во историјата со 5 позитивни резултати на гости на Камп Ноу.
Тренерот на Барселона, Ернесто Валверде може да ја израмни серијата без пораз на кој било друг тренер на Барса во историјата на Ел Класико во сите натпреварувања (4 победи, 2 нерешени и 0 порази). Овој рекорд го постави Пеп Гвардиола кој од април 2011 до јануари 2012 имаше 4 победи, 3 нерешени и 0 порази.
Интересно, и двата тима денес ќе бидат сместени во хотел Софија во Барселона, од каде во кратка временска дистанца ќе тргнат со автобусите кон Камп Ноу.