Што точно се случи во Гвинеја каде репрезентацијата на Мароко едвај спаси жива глава

Во Гвинеја минатиот викенд имало воен удар, преврат и промена на власта со вооружени судири и голема тензија. А сред главниот град квалификации за Светско првенство требаше да играат Гвинеја и Мароко. Гостите едвај излегоа до аеродром кој бил блокиран.

Во неделата вечер додека фокусот беше свртен кон големото дерби Бразил - Аргентина кој доживеа неславен крај и беше прекинат уште во 6-та минута, на друга страна, во Африка група војници на чело со полковникот на специјалните сили Мамади Думбуеј извршила преврат.

„Должност на еден војник е да ја брани земјата. Ние завршуваме со промена на власта во нашата земја. Нема да му ја довериме политиката на еден човек туку на народот. Гледајте какви ни се патиштата, гледајте какви се болниците. Тоа е доволно за да разберете и доволно да се разбудиме“, рекол командантот и лидер на воениот удар Думбуеј.

Од власт во Гвинеја е турнат 83-годишниот претседател Алфа Конде кој ја води земјата од 2010-та година. Тој е обвинет за лажирање на избори и корупција. Критикуван е и за лошо водење политика кое довело до нарушување на односите со соседите Сенегал и Гвинеја Бисао.

Во 2019-та година овој претседател го сменил уставот со цел да може да биде избран по трет пат (до тогаш можно било претседател да има два мандати). Во ноември 2020-та Конде победил на изборите но опозицијата организирала протести во кои имало и загинати.

Во еден дел од главниот град Конакри почнале прослави откако се појавило видео на кое Конде стои опкружен од војници и вели дека е добар и никој физички не го нападнал. А војниците објавиле дека Куне е приведен.

Но поддржувачите на долгогодишниот претседател се побуниле, па полковникот Думбуи и војската вовеле полициски час на неопределено време. Ги затвориле и границите на една недела.

ВО СРЕД ХАОС ТРЕБАШЕ ДА ИГРААТ ГВИНЕЈА И МАРОКО, МАРОКАНЦИТЕ СЛУШАЛЕ ИСТРЕЛИ ПРЕД ХОТЕЛ И ЈА НАПУШТИЛЕ ЗЕМЈАТА

Поради затворените граници и револуцијата настрада и фудбалот. Мечот меѓу Гвенија и Мароко од квалификации за Светско првенство 2022 требаше да се игра во понеделник вечер но го откажале поради воениот удар.

Мароканците чиј селектор е легендарниот Вахид Халилхоџиќ поминале прав пекол додека оделе кон аеродромот.

„Во хотел сме, чекаме одлука да тргнеме кон аеродром ама уште сме заглавени овде. Не чека авион но уште не ни дозволуваат да полетаме. До аеродром ни треба 45 минути до 1 час. Ама уште слушаме истрели и никој не ни гарантира безбедност. Се надевам дека на крајот од денот ќе бидеме во Мароко“, изјавил популарниот Ваха за француски L’Equipe. 

На крај Мароканците добиле дозвола да тргнат кон аеродромот, по пат автобусот им го обезбедувала војска, но непријатните сцени ги преплашиле фудбалерите и стручниот штаб на Халилхоџиќ. Практично од таму ги извадила амбасадата на Мароко.

Но проблем имаат репрезентативците на Гвинеја кои играат за странски клубови. Тие не смеат да ја напуштат земјата. Меѓу нив се Наби Кеита од Ливерпул, Амаду Диавара од Рома, Флорентен Погба, брат на Погба и иргач на Сошо, Мохамед Мади Камара од Олимпијакос и Камано од Локомотив Москва.

Подоцна во текот на денот стигна вест дека Наби Кеита нарачал приватен авион со 13 места со цел да ги извлече соиграчите од хаосот и да дојдат на безбедно во Европа.

7 септември 2021 - 10:18