Пожар на Олимпико

Што се случи меѓу Спалети и Тоти?

Тренерот на Рома, Лучано Спалети (59) го отстранил Франческо Тоти од карантинот во пресрет на синоќешниот меч против Палермо (5:0). Сè се случило рано изутрина во неделата кога Спалети го тргнал капитенот на страна и тивко го прашал дали ќе може да го напушти хотелот.

Ил Капитано се вратил во хотелот, ги информирал соиграчите за разрешувањето и заминал дома. Според Газета дело Спорт, сите до еден биле шокирани од ваквата одлука, а Тоти  вечерта на мечот беше пречекан со овации од гледалиштето.
 
Зошто Спалети одлучил така?
 
Во саботата навечер, Тоти дал интервју во кое зборувал за сложениот однос со тренерот и екстремното незадоволство поради својот статус во тимот.
„Барам голема почит за она што сум го направил за екипата. Сакам да играм, повредата не ми смета, добро сум. Ако ме нема на теренот, тоа е само поради фактот дека така одлучил тренерот. Просто не можам да седам таму, ме боли кога сум на клупата. Разбирам дека во 39 години ќе добивам сè помалку прилики, но ваков да биде крајот на кариерата за човекот кој на Рома ѝ дал толку е многу тешко. Со Спалети сме само на добро утро и добро вечер. Се надевам дека тоа што Спалети го зборува за новинарите ќе ми го каже и мене лично. Го почитувам како тренер. Договорот ми исетекува во јуни, чекам вести од управата да видам што ќе се случува и сакам чесен однос“, зборуваше Тоти за РАИ Спорт.

Како реагирал Спалети?
 
Уште на 16. февруари, после дуелот со Реал Мадрид (0:2), тренерот на Рома отворено раскажал за ситуацијата со Тоти.

„Јас ја тренирам Рома, а не Тоти. Мојата главна задача е резултатот - така ги носам и одлуките со тимот на ум, а не според заслуга на играчите. По мое мислење, нашиот однос со Тоти е во ред, така што подобро да го прашате него за нешто друго.

Тоти може да даде одличен пас, но ако е потребно да се изврши притисок, нему му е тешко да забрза и да се врати 40-ина метри наназад. Многу зависи од силата на нашиот противник. Сега мора да одиме нагоре, така што нема место за сентименталност - мора да работиме, да работиме и да играме. Дали Тоти ќе има разбирање? Не знам, јас само ја работам својата работа. Со должна почит кон неговите квалитети и достигнувања, но сега мислам само на резултатите", призна Спалети дека односот со капитенот не е баш идеален.

Спалети во целост се откажа од Тоти?

Сезонава Франческо доживеа четири различни повреди, поради што пропушти 23 натпревари. На теренот се појави 6 пати, кај Спалети два пати по 35 минути. На четири меча не влегуваше од клупата.

Како размислува управата?

Прв кој зборуваше на оваа тема е угледниот новинар на Скај Спорт Италија, Анџело Манџанте кој соопшти дека управата на клубот ја поддржала решителноста на Спалети. Но како што пиша Газета дело Спорт, претседателот на Рома Џејмс Палота сакал да зборува за иднината на легендата во наредните девет дена, за да проблемот не ја наруши атмосферата во тимот.

Порано сезонава Тоти и Палота зборувале околу пензијата, со тоа што капитенот би добил улога на директор во клубот и 6-годишен договор.

Каков беше односот меѓу Тоти и Спалети во минатото?

Тоти го фалеше Лучано дека е сјаен тренер и му честиташе за успесите во првенството со Зенит на својот официјален сајт. Меѓутоа во 2013-та Франческо изјави: „Штета е што Спалети вели дека јас сум го избркал од Рома. Тој самиот на крај сакаше да оди во Зенит".

Симоне Перота, некогашниот играч на Рома вели дека немало кавги. „Во 2009-та Спалети ја напушти Рома без никаква пресија од играчите. Со Тоти имаа прекрасен однос".

Што се случи против Палермо?

Тоти дојде на стадионот и влегол во соблекувалната каде се поздравил со играчите. По мечот Спалети изјави синоќа: „Франческо беше лут, но тоа може да се случи само под одредени околности. Тој ќе тренира со нас утре. Му понудив сè: да биде помошник како Гигс, да биде важен менаџер во управата како Недвед. Но како играч не можам ништо да му понудам", констатираше Спалети чија екипа славеше 5:0 против Палермо со двата гола на Џеко, два на Салах и еден на Кеита.

Во меѓувреме се огласуваат сегашни и поранешни фудбалери и тренери. Карло Мацоне, легендарниот тренер на Бреша и Рома изјави дека Спалети направил голема глупост и можел да ја реши ситуацијата со разговор, а не да брка слава по медиумите. Паоло Ди Канио изјави дека Тоти требал да ја заврши кариерата и да избегне ваков исход.

Тоти во септември ќе го прослави 40. роденден, а целата кариера ја помина во римскиот клуб за кој одигра 749 натпревари и даде 300 голови. Со Рома освои едно скудето и по два Купа и Супер Купа на Италија.

Емотивниот набој на Олимпико синоќа, кога навивачите го расплакаа Тоти:

22 февруари 2016 - 10:57