13 мај 2012...Никогаш не би излегол од тој терен. Ова е денешниот статусот за Пипо Инѕаги кој за неколку часа експлодираше со преку 40.000 лајкови, 2.000 шерови и преку 1.000 коментари. Еден му напиша вака и собра скоро 2.000 лајкови:
„Тој ден од тој терен излегоа со тебе Рино Гатузо, Сандро Неста, а излезе и Милан“
Супер Пипо Инѕаги влезе во 67 минута на местото на Касано и на десетина минути до крајот постигна гол со кој го реши мечот против Новара и тоа со пресврт за конечни 2:1.
Тоа беше последниот од 126-те негови голови за Милан на 300 настапи од кои 50 ги постигна во Лига на шампиони и стана најдобар италијански стрелец во ова натпреварување. Кога на 16 декември 2007 погоди во финалето од Светското клупско првенство против Бока Јуниорс стана прв играч кој успеал да постигне гол на сите клупски меѓународни натпревари.
Популарниот Пипо замина на заслужена пензија со 38 години и 10 освоени трофеи за 11 сезони на Сан Сиро.
За поврзаноста Јувентус – Алесандро Дел Пјеро има уште повеќе што да се пишува затоа беа неразделни 19 сезони, но на кратко тоа оди вака. Алекс беше 11 сезони капитен на Јуве и тој го држи рекордот на овој клуб со 705 настапи и 290 голови.
Со Јуве стигна до 15 трофеи од кои 6 Скудета (тука навивачите би ги додале и оние две одземени од 2005-та и 2006-та). И тој како Пипо успеа да постигне гол на 13 мај за збогум со навивачите, а тоа се случи на средбата Јувентус – Аталанта 3:1.
За Дел Пјеро тоа не беше крај на кариерата. Тој замина на авантура во Австралија и Индија и се повлече на 40 години.
Дел Пјеро – Инѕаги е познато дуо и од Јувентус, како и од селекцијата на Италија со која го освоија Мундијалот во 2006-та, а беа и финалисти на Европското првенство во 2000 година кога загубија од Франција. Овие двајца легендарни напаѓачи се синоним за убавите времиња на италијанскиот фудбал.