Што голманиште ќе беше овој Алисон Бекер за кој загриза Реал

Кога од резервен и анонимен голман од Бразил, ќе добиете мачка која фаќа сè можно и не прима гол на повеќе од половина натпревари кои ги бранел во првенство, тогаш јасно е дека се работи за нешто опасно кое се пушти да го лови и Флорентино Перез.

За Алисон Бекер веројатно дознавте сезонава, бидејќи ланската имаше 0 настапи во Серија А и беше во сенка на Војчех Шчесни кој се појави на сите 38 проволигашки средби за Рома.
 
Епа од целосен анонимус, Бразилецот стана до толку добар што и создава главоболки на управата на Рома која ќе се мачи да го задржи.
 
Кориере дело Спорт денеска го стави на насловна со тврдење дека Флорентино Перез испратил понуда од 60 милиони евра за него и 5 годишен договор за годишна плата од 5 милиони евра.

Алисон потпиша за Рома во јули 2016-та за 7,5 милиони евра од Интернационал каде ја почна кариерата во 2013-та. Има 25 години, висок е 193 см, се фрла лудо по секоја топка и се служи со бразилски дриблинзи во шеснаесетник, за сега вешто и успешно.
 
Со партиите кои ги пружи сезонава, ако Рома успее да го задржи тешко дека ќе добие конкуренција на голот, а оваа форма сигурно ќе му донесе и виза за СП Русија. Алисон има 22 настапи за Бразил, а Дунга го повика за квалификациските средби против Чиле и Венецуела.

Зборуваме за голман со страшно добар учинок. Дечкото сезонава на вкупно 37 настапи за Рома во Серија А и Лига на шампиони, го остави голот несовладан на 17. На 45,9% од натпреварите на кои бранел, Рома не примила гол.
 
Ако ја гледавте Шахтјор - Рома, сигурно ви е јасно кој е најзаслужен што Римјаните се четвртфиналисти во ЛШ. Доволно е да ги видите само овие две одбрани.

Компилација

Кога Бекер не прима гол, Рома си за гази освен во два наврати со Атлетико и Киево.
 
Аталанта - Рома 0-1, 28 август 2017
Рома - Атлетико Мадрид 0-0, 12 септември 2017
Рома - Верона 3-0, 16 септември 2017
Беневенто - Рома 0-4, 20 септември 2017
Милан - Рома 0-2, 1 октомври 2017
Торино - Рома 0-1, 22 октомври 2017
Рома - Кротоне 1-0, 25 октомври 2017
Рома - Болоња 1-0, 28 октомври 2017
Рома - Челси 3-0, 31 октомври 2017
Рома - Карабах 1-0, 5 декември 2017
Киево - Рома 0-0, 10 декември 2017
Рома - Каљари 1-0, 22 јануари 2017
Верона - Рома 0-1, 4 февруари 2018
Удинезе - Рома 0-2, 17 февруари 2018
Рома - Торино 3-0, 9 март 2018
Рома - Шахтјор 1-0, 13 март 2018
Кротоне - Рома 0-2, 18 март 2018
20 март 2018 - 10:14