Што го очекува Шевченко со Горан Пандев и новите богати газди на Џенова

Легендарниот Андреј Шевченко отсекогаш мечтаеше да се врати во Италија. Италијанските и украинските новинари скоро редовно го прашуваа дали би сакал некогаш да го тренира неговиот сакан Милан каде освои Златна топка за најдобар играч во Европа.

„Да го водам Милан е една од моите цели. Сега сум посветен на репрезентацијата, но потоа би сакал да работам во клуб, тоа е следен чекор во мојата кариера. Милан засекогаш е во моето срце, а Италија втор дом. Многу сакам да се вратам“, изјави Шева за La Gazzetta dello Sport пред Евро 2020 на кое со Украина ја победија Македонија 2:1 во групната фаза.

Последниот меч за Милан, култниот Андреј Шевченко го одигра во мај 2009-та година. 12 години подоцна повторно се враќа во Серија А - Украинецот неочекувано преку ноќ ја презема Џенова.

Шевченко е шести тренер на најстариот клуб на Италија од стартот на сезоната 2019/2020 до сега. За последните шест сезони никој не работел во овој клуб подолго од една година. Да се прифати понуда од Џенова е минијатурен кариерен рулет зошто за претседателот Енрико Прециози зборовите „трпение“ и „планирање“ не постојат.

Но ситуацијата се смени. Прециози неодамна продаде мнозински пакет акции и веќе не е алфа и омега во клубот. Шевченко е ново лице на нов проект, еден од поамбициозните во Серија А.

ЏЕНОВА ЈА КУПИЈА АМЕРИКАНЦИ, САКААТ ДА ГО ВРАТАТ КЛУБОТ НА СТАРИ СТАЗИ НА СЛАВА

 

Тифозите на Џенова не го сакаат Енрико Прециози, но мора да се признае дека на почетокот на 2000-те години, тогаш како нов сопственик преку паметни трансфери го спаси клубот од тотален банкрот и во 2006-та за првпат ја врати Џенова во Серија А после цели 13 години!

Џенова еднаш под раководоство на газда Прециози заврши петто место, играше во Лига Европа и тогаш навивачите го обожаваа сопственикот Енрико. Но сега не го испратија со аплауз и благодарница зошто опстанокот на Џенова во елитната Серија А стана досадна борба за спас со најслабите од година во година.

Од една страна некои му се благодарни на Прециози што ја држи Џенова активно во Серија А цели 15 години по ред, но тоа би требало да се подразбира за најстариот клуб во Италија. Но има и дел од навивачите кои се сиурни дека „грифони“ беа способни за повеќе, дека да имаа поамбициозен и попресметлив претседател, ќе направеа повеќе.

На пример во 2016-та Прециози не можеше да го истрпи Џан Пјеро Гасперини и го отпушти за да овој после некоја година од Аталанта направи чудо над чудата кое редовно игра во Лига на шампиони и се бори со гиганти како Манчестер Јунајтед, Реал Мадрид, Манчестер Сити, ПСЖ...

Но Енрико Прециози уште пред девет години рекол дека се изгорел и дека сака да замине од фудбалот. Конечно се збогуваше со Џенова и навивачите може да здивнат зошто пред нив е свеж и нов проект.

Нив им е доста веќе од фразите: „Се надеваме дека Џенова и натаму ќе има два клуба во Серија А“, “Сакаме да се спасиме во последно коло по секоја цена“, „18 години право мачење“, „Прециози можеше да направи голема екипа, ама никогаш не посака“.

КОИ СЕ НОВИТЕ СОПСТВЕНИЦИ?

Нови владетели на Џенова се луѓе од американскиот инвестициски фонд 777 Partners кои за 99,9% од акциите платиле 150 милиони евра.

„Ќе создадеме долгорочна вредност за компанијата и акционерите со помош на сопствен капитал, гарантирана експертиза, технологија и анализа на податоци. Го зголемуваме приходот и го намалуваме ризикот“, пишува на сајтот на фондот чиј буџет се проценува на околу три милијарди долари.

Во портфолиото на фирмата 777 Partners има 40 компании од разни сектори: комерцијални и потрошувачки финансии, осигирување, воздухопловство, медиуми, спорт, правни постапки итн.

Во спортска индустрија под закрила на оваа фирма се:

- 1190 Sports и Global Sports Right Management (менаџмент и маркетинг на спортски права во Јужна Америка);

- Ata Football (платформа за преноси на женски фудбал)

- Fanatiz (OTT сервис за фудбалски преноси)

- London Lions (кошаркарски клуб купен во летото 2020-та)

- Севиља (фирмата Partners 777 во 2018-та почнала да купува акции во шпанскиот фудбалски гигант и повеќекратен освојувач на Куп УЕФА и Лига Европа и сега има 13% од акциите во клубот).

„Осознаваме каква одговорност лежи на нас. Сакаме да го заштитиме историското наследство на овој клуб и да го вратиме на лидерско место во италијанскиот фудбал. Традицијата и историјата на Џенова не убедија дека ова е правилен избор. Џенова е столб на италијанскиот фудбал, клуб со традиција и прекрасни навивачи“, рекол основачот на фондот Џош Вондер за купувањето на клубот Џенова.

Тука е и управувачкиот директор Хуан Арсињегас кој рекол дека гледа голем потенцијал за брзо зголемување на профитот и ветил дека повторно ќе го направат „Луиџи Ферарис“ најдобар стадион во Италија.

Третиот водечки човек во управата на Џенова, Андрес Бласкез е партнер по фудбалски инвестиции на фирмата. Тој отишол подалеку и рекол: „Многу години поминаа од последното скудето на Џенова“.

Богами многу. 98 години!

Според Бласкез, фирмата 777 Partners сака да создаде мрежа клубови по примерот на City Football Group и Red Bull. На овој фонд интересни му се клубови во Англија и Источна Европа. Но според реномираниот Calcio e Finanza, има и друга причина за голема инвестиција во Џенова и таа нема никаква врска со спорт.

Во последно време во фокус на интересот на 777 Partners се авиокомпании. Фондот пред извесно време купил дури 24 авиони Boeing 737-8 Max и планира да купи уште 60 други, со цел да ги позајмува на лоукост, нискобуџетните авио-превозници. Севиља и Џенова по планот на 777 Partners треба да станат главни транспортни центри за тие кои доаѓаат во Европа од другата хемисфера.

ШЕВЧЕНКО ГО ПРЕДЛОЖИЛА МЕНАЏЕРСКА АГЕНЦИЈА, НО МОЖНО Е И БЕРЛУСКОНИ ДА ИГРАЛ УЛОГА

После 12 кола Џенова е на мизерно 17. место со само 9 бода и една очајна победа. Но на последните осум натпревари екипата изгуби само два пати, а тренерот Давиде Балардини се справуваше со повреди на многу играчи и ставаше во состав нови фудбалери. Џенова можеби не е во катастрофална ситуација, а смената на тренерот не е последица на слаби резултати. Балардини ќе го отпуштеа и во случај на триумф над Емполи минатиот викенд (2:2).

Според La Gazzetta dello Sport, новите сопственици се обратиле во скаутска компанија (не е соопштен називот, но позната е по тоа што го предложила Клаудио Раниери во Лестер а се друго понатаму е историја), за да им најдат нов тренер. Условите кои ги поставиле биле: да биде позната личност во светот, искусна и харизматична, да стане брендиран лик за Џенова.

Имало три варијанти: Шевченко, Андреа Пирло и Доменико Тедеско. Украинецот, поточно неговите менаџери барале највисока плата (Шева ќе зема околу 1,8 милиони евра годишно, два пати повеќе од што заработувал Балардини, и плата како Стефано Пиоли, Синиша Михајловиќ и Иван Јуриќ).

КОЈ ЌЕ БИДЕ ПРВ ЧОВЕК НА КЛУБОТ ПОСЛЕ ПРЕЦИОЗИ?

Нов претседател на Џенова (номинално) најверојатно ќе биде Алберто Ѕангрило, личниот доктор на Силвио Берлускони, најуспешниот претседател во историјата на Милан и кум на постариот син на Андреј Шевченко.

Алберто Ѕангрило е дете на Џенова, навивач на „грифоните“ и пријател со лидерите на ултрасите. Близок е и со Адријано Галиани. „Го знам Алберто 20 години. Никогаш од него не успеав да направам миланист, екипата од срце не ја менува. Алберто од детство оди да ја гледа Џенова. Ако на Американците им треба локален човек кој би го претставувал клубот, Ѕангрило е идеална варијанта“.

ГЛАВЕН ПРИНЦИП НА ИГРА НА ШЕВЧЕНКО Е КОНТРОЛА НА ТОПКА, ЗИНЧЕНКО ГО СПОРЕДУВА СО ПЕП ГВАРДИОЛА

Некогашниот тренер на Милан, Алберто Ѕакерони кој на росонерите им донесе драгоцено скудето во 1999-та е изненаден од доаѓањето на Шева во Џенова: „Неочекувано е што ја презема екипата сред сезона, тоа е многу сложено. Фудбалерите мислат на позиција на табелата, имаат голем психолошки притисок“.

Џенова до крајот на годината ја чекаат дуели со Рома, Милан, Јувентус, Лацио и Аталанта. Во таква ситуација наивно е да се бара од новиот тренер резултати. Но Шевченко има гаранции од управата. Прециози пример после серија слаби резултати дури и со такви силни противници, многу лесно ги бркаше тренерите. Американците се најверојатно подалекувидни.

Шевченко на клупата на Џенова ги седна и Мауро Тасоти и Луиџи Ночентини кои работеа со него и во репрезентацијата на Украина. Некои италијански медиуми соопштија и дека аналитичар требал да биде Андреа Малдера во стручниот штаб но тој одбил или од лични причини (минатата недела починал татко му) или разгледува други варијанти.

Андреа Малдера и Шевченко долги години се блиски соработници. Шева малку зборувал за тактички решенија и за стил на игра и филозофија на неговата екипа, а Малдера во неколку големи интервјуа длабоко одел во детали.

„Идејата на Шевченко е да пробува постојано да ја контролира играта. Да диктира свои услови против секој противник. Во тешки моменти мора да се сочува посед на топка. Ако топката е во тебе а не во противникот, тоа е веќе добро.

На прво место ги ставаме принципите на игра, играме 4-3-3, но често и не баш 4-3-3. Понекогаш крилните бекови одат напред како крилни напаѓачи, а крилата одат по кон средина на терен и играат зад напаѓачите“, рекол Малдера за Шевченко.

Главна задача на Украинецот ќе му биде да ја извади Џенова од зоната на испаѓање и да ја однесе во мирни води кон средина на табелата.

Џенова во просек има по 45,8% посед на топка што е многу малку во однос на барањата на Шевченко. За 12 кола само два пати имале повеќе посед од противникот (против Специја 51%, 1:1 и против Венција 62%, 0:0).

ВОЗРАСНА ЕКИПА КОЈА ЌЕ ТРЕБА ДА СЕ ПРИЛАГОДИ, ПАНДЕВ БИ МОЖЕЛ ДА БИДЕ КЛУЧЕН

Во Серија А сезонава се појавија 36 фудбалери на 34 години или постари. Петмина од нив играат за Џенова - Сиригу (34), Кришито (34), Пандев (38), Валон Бехрами (36) и Андреа Мазиело (35). Но тука се и младите свежи сили Ровела (19), Камбијасо (21), Јаја Калон (20).

Горан Пандев во Џенова игра од 2015-та. Минатата сезона играше стандардно и постигна 7 гола, но сезонава го изгуби првотимскиот статус и само четири пати почна од старт. Од ветераните редовно играат Сиригу и Кришито. Голманот важеше за еден од лидерите на соблекувалната на Италија на Евро 2020 кога освоија злато.

Најдобар стрелец за сега во тимто е Матија Дестро со 6 гола. Но и тој има 30 години и не е веќе млад и полетен како на времето кога беше надеж на Рома. Минатата сезона дал 11 гола а сега има 6 на 8 меча.

Многу голови Шевченко очекува и од летното засилување Фелипе Каиседо кој дојде во Џенова од Лацио за 2,2 милиони евра. Еквадорецот го пропушти стартот на сезоната поради повреда, и минатиот викенд против Емполи првпат заигра од старт.

Во нападот се уште и Калеб Екубан (10 гола во Турција во сезоната 2020/2021) и 18-годишниот Полјак Александер Букса (4 гола во Полска 2020/2021). Но тие двајца уште не правата разлика.

Треба да се следи и 19-годишниот Николо Ровела, голем талент на Џенова кој клубот го продаде во јануари 2021 во Јувентус за огромни 18 милиони евра, но бјанконерите го оставија на позајмица до крајот на сезоната. 

Важни играчи се уште и Мохамед Фарес кој играше во СПАЛ, па не се снајде во Лацио и дојде во Џенова каде стана јунак на мечот со Каљари кога даде два гола. Може да игра каде било на левата страна.

21-годишниот универзалец Андреа Камбијасо минатата сезона беше резерва во Емполи во Серија Б, а сега веќе го бараат премиерлигашите Лестер и Вотфорд зошто блеска за Џенова.

Шевченко сигурно во јануарскиот преоден рок ќе добие нови засилувања. Украинските медиуми шпекулираат со Зинченко, Миколенко, Кастиљехо, Пулишиќ итн.

Проблеми на Шева би можеле да му бидат тешкиот календар, проблематичниот шарен состав со микс од возрасни и млади неискусни играчи, доволно за песимизам за работата на Украинецот. Но останува да се види како ќе реагира тимот со новиот тренер.

10 ноември 2021 - 11:17