Европското за фудбалери до 21 година се одржува на секои две години, а следната година во Полска ќе се игра 21-то издание на овој собир.
Континенталниот шампионат ќе се одржи од 16. до 30. јуни 2017-та. На него имаат право да настапат фудбалери родени на или после 1. јануари 1994. година. Во 2014. година, УЕФА размислуваше да го врати некогашниот временски интервал на ЕП У21 и планираше да се игра на секои четири години, но по барање на федерациите членки ЕП остана на првичните 2 години.
Покрај тоа УЕФА го прошири Европското за млади од 8 на 12 репрезентации.
Македонија застана рамо до рамо со селекции како Италија, Германија, Англија, Португалија, Шведска, Словачка, Данска, Чешка и домаќинот Полска. Сите овие репрезентации обезбедија директно учество на Европското како првопласирани во своите групи освен Полска која како организатор и домаќин на ЕП не играше квалификации. Ждрепката за групи ќе се одржи на 1. декември 2016. година во Краков. Тогаш Македонија ќе ги дознае своите противници во групата.
Групната фаза ќе ја отвори домаќинот Полска на 16. јуни во Лублин. Во следната фаза одат првите три селекции од секоја група плус најдобро пласираната втора која ќе се одреди врз основа на поени, гол разлика, број на постигнати голови, најмалку казнени поени (црвен картон - 3 поени, жолт 1 поен, два жолти во групната фаза - 3 поени) и на крајот доколку е потребно позицијата на ранкинг листата на УЕФА за У21.
Во баражот како најдобро второпласирани се најдоа Шпанија, Србија, Австрија и Норвешка. Овие 4 селекции ќе играат плејоф (7 ноември/15 ноември) и двете победнички репрезентации ќе им се придружат на останатите девет.
На Европското се формираат три групи (А, Б и Ц) со по четири репрезентации. Домаќинот Полска реши Европското да се игра во шест града кои имаат исклучително убави стадиони: Лублин (капацитет 15.500 гледачи), Кјелце (15.500), Гдиња (15.139), Бидгоч (20.247), Краков (15.016), Тихи (15.300).
Што се однесува до најуспешните У21 репрезентации во историјата, Италија има дури 18 учества и пет титули на ЕП У21 (1992, 1994, 1996, 2000, 2004). „Аѕурините“ два пати биле и вицешампиони на овој турнир. Шпанија има четири титули и два пати губеле во финалето.
Шампионскиот трофеј следната година ќе го брани Шведска У21 која лани ја совлада Португалија У21 на пенали во финалето одиграно во Прага.