Македонија дефинитивно има генерација која во најблиска иднина би требало да зачекори во сениорскиот тим и да го повтори неверојатнот подвиг од завршениот квалификациски циклус.
На Европското во Полска следната година ќе одат 9 првопласирани од секоја група, а најдобрите 4 второпласирани ќе играат меѓу себе во баражот. Македонија е прва во групата 3 и ќе патува на континенталниот турнир.
Пред почетокот на последното коло, Македонија У21 требаше да ја победи Шкотска, а Исланд да не слави против Украина и на тој начин „црвено-жолтите“ како првопласирани да чекираат карта за ЕВРО2017 во Полска. Останатите резултати во квалификациите не ѝ овозможија на Македонија да осигура место меѓу најдобрите 4 второпласирани, така што само првото место нè водеше на Европско.
Уште од стартот вечерва нашите играчи покажаа дека можат да се носат со притисокот. Пред повеќе од 15.000 гледачи Давид Бабунски, Барди, Дарко Велкоски и другарите тргнаа офанзивно и заиграа како во целиот циклус.
По неколку шанси, бедемот на Шкотска беше скршен во 18. минута. Барди шутираше, шкотскиот голман Фултон само ја одби топката до Кире Маркоски кој ја смести во голот за радост на „Филип Втори“.
Две минути подоцна на стадионот стигна веста дека Исланд поведува со 1:0 и одново ја презема лидерската позиција во групата 3. Тоа не ги поколеба избраниците на поранешниот стратег на Вардар, Боби Милески, кои веќе во 22. минута зголемија на 2:0. Најактивниот наш играч до тој момент, Кире Маркоски (момчето кое со еврогол го елиминираше Трабзонспор против Работнички) на асистенцијата додаде и гол за 2-0:
Домаќините не се задоволија со високата предност и тргнаа уште поофанзивно, а тоа резултираше со пенал во 37. минута откако Камерон играше со рака во шеснаесетникот. Топката ја зеде 10-та Давид Бабунски, но слично на колегата од сениорската репрезентација Адис Јаховиќ, шутираше млако и Фултон му го одбрани ударот. На полувремето Македонија - Шкотска 2:0, Исланд - Украина 1:0. Целата македонска јавност исчекуваше поволна вест од Рејкавик каде Украина „играше за Македонија да оди на Европско“.
По десетина минути мирна игра на почетокот на вториот дел, целиот стадион на своите телефони го следеше резултатот од Исланд и во еден момент ерупција од воодушевување. Украина во 56. минута израмни на 1-1 преку Борјачук и во таква ситуација Македонија се искачи прва на табелата.
Во следните половина час нашите момци ја спуштија топката на теренот, ја смирија играта и очекуваа реакција од стадионот на вестите од Исланд. Нов позитивен шок стигна во 75. минута кога на сајтовите за следење резултати во живо светна Исланд - Украина 1:2 (Беседин). Еуфорија сигурно поголема од онаа кога Несторовски го спружи Буфон за 2:1.
Драмата продолжи во 88. минута кога Исланѓаните израмнија на 2:2, а Украина само две минути подоцна ја запечати визата за Македонија на Европско и славеше со тотално неочекувани 2:4.
До крајот од мечот против Шкотска, Македонија ја сочува предноста од 2:0, победи и големото славје на „Градски“ започна!
Подвигот е до толку поголем ако се знае дека нашите надежи зад себе во групата оставија фудбалски земји како Франција во која играат големи ѕвезди од ПСЖ, Лион, Јувентус, Исланд кој вложува милиони во фудбалска инфраструктура и Украина чија селекција беше редовен учесник на У21 првенствата.
Во групата од 6 репрезентации, Македонија освои 21 бод, Франција заврши втора со 20 бодови, Исланд трет со 19, Украина 12, Шкотска 8 и Северна Ирска 2.