Пред нешто повеќе од две години беше чудна одлуката на еден Самуел Ето, напаѓач од светска класа да го напушти европскиот шампион Интер и да замине во непознатата екипа Анжи од главниот град на Дагестан, Макачкала.
Неговите намери и не е тешко да се сфатат затоа што тој ги подигна сите пехари со Барселона и Интер, три пати ја освои Лигата на шампионите, па непопуларната фудбалска дестинација беше јасно дека ја избра поради годишната плата од 20 милиони евра која ниту еден друг негов колега не ја заработува.
Пред само неколку недели се појави шпекулација дека камерунскиот напаѓач се сретнал со претседателот на Бешикташ за евентуален трансфер во Истанбул, но тоа е тешко изводливо затоа што ќе треба да се откаже од плата за која не може да сонува ниту Кристијано Роналдо.
Ето по потпишувањето на договорот изјави дека ќе се стремат да бидат како Барселона од која ќе се инспирираат, а нивната цел ќе биде во регионот преку фудбалот да донесат нешто убаво кое ќе го пласираат и во меѓународни рамки.
Намерите на амбициозниот клуб од поранешна СССР кој пред две години доби финансиска "инекција" од рускиот милијардер Сулејман Керимов беа навистина високи, а за сега се далеку од остварени.
Шампионот ЦСКА Москва и второпласираниот Зенит не се симнуваат така лесно од врвот на табелата. Анжи сезонава заврши на третата позиција во руското првенство што претставува и најголем успех во нивната куса историја, но и оваа година не го дофати местото кое носи во Лигата на шампионите.
Минатата сезона беше елиминиран во осминафиналната рунда од Лигата на Европа од Њукасл каде повторно ќе се натпреварува и идната сезона. Богатиот состав на Керимов не успеа да му израдува ниту на националниот Куп каде беше поразен на пенали од шампионот на Русија.
Рецептот за успехот до сега се уште не го пронашол ниту попуалрниот Гус Хидинк кој на еден натпревар беше исмејуван со транспарент "чекор по чекор", вообичаен одговор кој го дава на прес конференциите кога го прашуваат каде се успесите.
Учинокот на Ето кој е четири пати прогласуван за најдобар во Африка е релативно солиден. Тој е далеку од својот голгетерски учинок кој го имаше Барселона и Интер, а во Анжи партиципираше со 29 погодоци за две сезони на сите натпреварувања.
Богатството на Сулејман Керимов доби многу на публицитет за да се помогне и во вработувањето во оваа сиромашна република која е полна со тероризам и насилство. Проектот Анжи делумно успеа во тоа.
Но неговото градење во силен спортски клуб не може да ги откорени војните во пост советските земји, па така само неколку часа откако Ето го запечати третото место со победата против Локомотив Москва во последното коло, во Макачкала експлодира бомба во автомобил во кој загинаа тројца.
Непријатна за сиромашниот народ од Дагестан беше и веста кога Роберто Карлос кој настапуваше за Анжи, а потоа стана дел од раководството, од својот газда доби за роденден автомобил Бугати Вејрон од 1,8 милиони евра. Просечната месечна плата во оваа земја е 183 евра.