Шпанскиот селектор Енрике каков што не го знаете: сурфер, маратонец, триатлонец со 250 км преку Сахара

Шпанската фудбалска репрезентација попладнево ја чека тежок испит. Во осминафинале на Светското играат против разгоропадениот Мароко кој заврши прв во група пред силните Белгија и Хрватска. Селекторот Луис Енрике има спремна, млада, желна за победи екипа.

По крајот на фудбалската кариера, многу играчи одат во аматерска лига, играат во импровизирани балони, некои отвораа тресторани, а ретко кои сакаат уште повеќе физички труд до крајни граници. Луис Енрике е еден од таквите.

СÈ ПОЧНАЛО СО КРАЈ НА АКТИВНАТА ИГРАЧКА КАРИЕРА

Луис Енрике е еден од реките на светот кои играл и за Барселона и за Реал Мадрид. Фудбалер кој со топката знаеше многу нешта.

По крајот на својата кариера во 2004-та, Луис Енрике заедно со жена му и децата се преселил на пола година во Австралија каде се сместил во Бајрон Беј, крајбрежен град на најисточната точка на континентот. Во овој град има залив којшто е собирно место за многу сурфери од цел свет.

Енрике се решил да проба активен одмор наместо да се излежува на плажите.

Набрзо се вљубил во сурфинг. Постојано вежбал, пробувал, тренирал. Во еден момент доживеал и птергија, односно патологија на окото, прекумерен раст на рожницата. Ова заболување во рана фаза не бара хируршка интервенција и не влијае на визуелна острина, но предизвикува непријатност од директна сончева светлина. Поради ова шпанскиот селектор често може да се види на тренинг со очила за сонце што му е медицинска препорака а не моден стил.

МИЛИОНЕР КОЈ САКА ДА ПАТИ

По враќањето од Австралија, Енрике продолжил да трча. Решил да не се ограничува само на утрински тренинзи и најмил тренер да го спрема за маратон.

„После 45 минути по трчањето нозете ми отекуваа а на тоа сум навикнат од ритамот на фудбалот. Во фудбал трчаш 50 метри, па застануваш па пак спринт на 10 метри, па пак стоп. Навикнат сум на тоа. Можам да трчам долго, но фудбалски да трчам. Маратон од тебе бара да трчаш долго во едно темпо“, рекол Енрике во тоа време.

Личниот тренер Виктор Гонзало еднаш изјавил: „Луис Енрике беше милионер кој умееше и сакаше да страда, тоа дури и му беше потребно. Неговата фудбалска кариера заврши но тој не се одвикна од размислување како спортист. Не знаел како да живее без тоа. Луис велеше дека сака да истрча маратон за три часа. Ми побара помош и од почеток ми го привлече вниманието“.

Деби на маратон имал во 2005-та и тоа на култниот Њујоршки маратон. Дистанца од 42,2 километри. Овој маратон влегува во серијата World Marathon Majors, серија од шест најголеми и најмасовни и престижни маратони на светот.

Енрике на крајот завршил со време од 3:14:09 што за стартер на маратон бил одличен почеток.

После една година се појавил на Амстердамски маратон каде го подобрил личниот рекорд - истрчал за 3:00:19. Продолжил уште сурово да тренира. Во 2007-ма стигнал до време под 1:20 на полумаратон во Сан Себастијан (1:19:34) а после на маратон во Фиренца истрчал под 3 часа - 2:58:08.

Тогаш 37-годишниот Енрике сакал уште и уште.

Овој резултат во Фиренца го ставил Енрике на второ место меѓу поранешните професионални фудбалери кои трчале маратон.

ВЕДНАШ ПОТОА ПРОДОЛЖИЛ СО ЖЕЛЕЗЕН ТРИАТЛОН

Во истата 2007-ма година Луис Енрике се појавил на етапата IRONMAN во Франкфурт. Таа е најдолгата официјална дисциплина на триатлон која што ја викаат и „железна“. Таа подразбира три етапи: пливање во отворена вода на 3,86 км, возење велосипед 180 км и маратон од 42,2 километри. Се смета за најсуров предизвик во светот на спортот. Натчовечки напор.

Популарниот Лучо сево ова го поминал за 10 часа и 19 минути што бил фантастичен резултат за неговиот прв железен триатлон. 

Луис Енрике, актуелниот шпански селектор неколку пати изјавил дека уживал во подготовките за триатлон. „Велосипедизмот и пливање во целост се разликуваат од трчање. Тренингот е каде-каде попријатен. Кога тренирав, во тек на три дена трчам наутро и пливам преку ден. Плус возам велосипед на секои три-четири дена.

За триатлон мора да тренирате многу часови, тешко е многу ако имате други обврски. Но сакам да си поставам цел пред себе. Триатлон е најголем предизвик но вие може да се справите ако имате време. Не можете да прејдете само од „ништо-не-правење“ до триатлон“.

Во 2010-та пред да стане тренер на Барселона Б, вториот состав на Каталонците, Луис се пробал на нова железна дистанца, овојпат во Ница. Имал поскромен резултат - 12 часа и 28 минути.

Велосипедот станал права страст на Енрике. Тој ден-денес одржува форма на велосипед а зад себе има сериозни трки како Quebrantahuesos (200-километарска трка во Шпанија), Irati Xtrem (трка на 80 км) и Cape Epic (повеќедневна планинска трка во Јужна Африка).

Еден од најголемите предизвици му бил во 2017-та кога 47-годишниот Енрике зел учество во повеќедневната тешка трка Costa Blanca Bike Race, каде велосипедисти за четири дена поминуваат по 155 километри на тежок планински терен.

УСПЕАЛ ДА ФИНИШИРА И СУРОВ МАРАТОН ВО САХАРА, ЗА 6 ДЕНА 250 КМ

Малку е познато дека некогашната ѕвезда на Реал Мадрид, Барселона и Рома веднаш по маратон и железен триатлон, си поставил нова цел - ултрамаратонот Marathon des Sables по пустината Сахара во должина од 250 км.

Растојанието е поделено тука на шест етапи како во велосипедизам (еден ден - една етапа). Утрото учесниците истовремено стартуваат и трчаат, пешачат, а навечер одмораат, јадат, лекуваат плускавци, преврзуваат рани.

Ова натпреварување се одржува еднаш годишно во Мароко уште од 1986-та и ги собира најхрабрите љубители на маратонско трчање и крајна човечка издржливост.

Marathon des Sables се смета за најтежок натпревар и испит на издржливост на светот. Тркачите ја носат сета опрема со себе, вклучувајќи опрема, вреќи за спиење, пламени уреди, храна, вода и се што е регулирано со правилникот од организаторите. Пред секоја етапа добиваат по 12 литри вода и 120 електролитни, солени таблети за да ги вратат изгубените минерали.

„Сум трчал неколку маратони и сум извозел неколку велосипедски трки, сум го поминал IRONMA, но ова е најтешка трка во многу тешки услови. Никогаш не сум направил ништо слично, ова ми беше нов предизвик. Сакав да се пробам себеси“, рекол Енрике.

Тој ја завршил патеката за 41 час и 14 минути.

На свои 52 години денес Луис Енрике и натаму се чувстува млад. И покрај обврските како селектор на моќната шпанска фудбалска репрезентација, тој и натаму наоѓал време да извози по 200 км со велосипед или да исплива некое поголемо растојание.

Шпанските млади фудбалери имаат од кого да учат. Денес нивниот професор го очекува нов предизвик: Мароко во осминафинале на Светско првенство. Ќе видиме како ќе заврши тој маратон.

6 декември 2022 - 12:21