Масакрот во Париз и потребата да патуваат во Брисел, европското гнездо на одредени терористи по кои трага белгиската полиција, им предизвика загриженост на шпанските фудбалери.
„Стравот секогаш постои кога се случуваат такви работи, но не може да живееме во страв. Искрено, тоа што се случи можеше да му се случи на било кој и се надевам дека веќе нема да се повтори. Ние мора да играме и тоа е што е“, изјави репрезентативецот на Шпанија, Нолито.
Шпанската федерација била во редовен контакт со колегите од Белгија. Од Брисел добиле објаснување дека протоколот и мерките за безбедност ќе бидат исти како и оние кога во октомври лани во Брисел гостуваше Израел.
Фабрегас, Мата, Де Хеа, Бернат, Иниеста и другите ќе имаат посебна заштита на секој чекор, па дури и пред собите во хотелот кој се наоѓал на една од главните авении во главниот град на Европската унија. За разлика од Скопје, кога Шпанците се фотографираа со своите симпатизери пред хотелот и на Филип Втори Арената, во Брисел навивачите нема да можат да им пристапат на фудбалските ѕвезди.
Во меѓувреме, токму во Брисел се водат најголемите полициски рации за пронаоѓање на главниот осомничен за терористичките напади во Париз, кој бил легитимиран на белгиската граница, но никој не го уапсил.