Франција последен пат беше домаќин на едно ЕП пред 16 години и тогаш во полуфиналето се сретна против Шпанија, селекција против која во меѓувреме одигра епски натпревари.
Еден од најболните порази Шпанците го доживеаа минатата година, на Мундијалот во нивната земја. Тргна Фуријата како што треба, сè беше спремно за финале против САД, но во четвртфиналето им се испречија Французите. Галските петли тогаш играа без најголемата ѕвезда Тони Паркер, а Шпанците беа предводени од Пау Гасол. Франција победи со 65:52, но потоа во полуфиналето загуби од Србија. На крајот од тој Мундијал, Шпанија заврши петта а Франција ја освои бронзата против Литванија.
Еден од најголемите мегдани го одиграа во 2013-та година на ЕП во Словенија, кога Французите ја остварија можеби и најголемата победа во својата историја. Во полуфиналето, Шпанија водеше 14 поени разлика, но Франција се врати и после продолженија се пласираше во финалето.
Една година претходно, во 2012-та браќата Гасол беа незапирливи за Франција на ОИ во Лондон. Паркер и Борис Дијао тогаш не можеа ништо против Шпанија, која во финалето загуби од неприкосновените САД.
Шпанија им го нанесе најтешкиот пораз на Французите во финалето на ЕП 2011. година. Гасол и друштвото победи со 13 поени разлика, а селекцијата на Венсан Коле делуваше потополно безидејно и задоволно што обезбеди пласман на ОИ.
Иако Шпанија отсекогаш важела за благ фаворит во однос на Французите, серијата победи Шпанците ја започнаа дури во 2009. година во полскиот град Катовице. Наваро, Гасол и другарите тогаш славеа со 20 поени разлика во четвртфиналето.
На Евробаскетот 2005. година во Белград, Франција ја победи Шпанија во дуел за третото место и на тој начин најде утеха за болниот пораз од Грција во полуфиналето кога Французите водеа 7 разлика во последните 40 секунди.
Следниот мегдан Франција и Шпанија го играат вечерва од 21:00 часот. Покрај нивниот дуел, во борба за пласман од 5-8 место ќе играат Грција - Летонија и Чешка - Италија. Второто полуфинале меѓу Србија и Литванија се игра во петок од 21:00.