Шпанците го кројат европскиот фудбал

По Барселона и Реал Мадрид кои се пласираа во полуфиналето од Лигата на шампиони, во истата фаза од Лига Европа се пласираа уште три екипи во Шпанија. Освен Атлетико, Валенсија и Билбао, во полуфиналето ќе игра и португалскиот Спортинг.

Шалке на два пати имаше водство во Билбао со головите на Хунтелар и Раул, но сепак не успеа да приреди изненадување. Атлетик Билбао и Шалке ремизираа со резултатот 2:2 што беше доволно за Шпанците да продолжат во следната фаза со вкупни 6:2.

Валенсија имаше негатива од 1:2 од првиот натпревар во Холандија, но АЗ Алкмар не пружи отпор на реваншот. Домаќините славеа со високи 4:0.

Атлетико Мадрид по втор пат го победи Хановер со 2:1. На реваншот во Германија тие заслужено дојдоа до победата и до место помеѓу најдобрите четири екипи во Лига Европа. Гостите поведоа преку Адриан, на 1:1 израмни Диуф, а на три минути пред крајот конечниот резултат го постави Фалкао.

Најблиску до изненадување беа фудбалерите на Металист кои промашија пенал кој ќе им донесеше продолжетоци. Спортинг Лисабон имаше предност од 2:1 по првиот натпревар, но при резултат 1:1 во второто полувреме, Украинците не реализираа пенал по што Португалците обезбедија пласман во полуфиналето од второто по квалитет континентално натпреварување.

Во полуфиналето ќе играат Атлетико Мадрид против Валенсија и Спортинг Лисабон против Атлетик Билбао.

5 април 2012 - 23:51