Плејоф за Лига Европа:

Шкендија со гол негатива ќе го чека Гент во Скопје

Иако загубија 2:1 на првиот меч од плејофот за ЛЕ против Гент, фудбалерите на македонскиот вицешампион Шкендија имаат убава подлога за историски успех за седум дена во Скопје. На „Градски“ ќе имаат можност да влезат во ЛЕ.

Фудбалерите на тетовска Шкендија поведоа 0:1 на гостувањето кај Гент во првиот меч од плејофот за ЛЕ, но примија два несреќни гола на крајот од првиот дел и буквално пред последната судиска свирка за 2:1.

Ибраими ги донесе Тетовци во неочекувано водство во деветтата минута. Бесарт Ибраими постигна одличен погодок откако по слободниот удар доби кусо додавање и со силен шут од 20 метри го совлада голманот на Гент, Рине.

Белгијците важат за офанзивна екипа која игра на гол повеќе, поради што тргнаа уште посилно по негативата. Захов успешно ги скротуваше нападите на домаќинот преку Кулибали и Кумс. Во 30’ минута Шкендија одново покажа заби преку Хасани но одбраната на Гент блокираше.

Кога се очекуваше на паузата да се замине со 0:1 за Шкендија, македонскиот состав прими наивен гол во 47‘ минута кога по една нафрлена топка во казнетиот простор, Кулибали ја сврте до Томас Матон кој лесно пласираше во долниот десен агол на Захов.

Како и многу пати сезонава, македонскиот вицешампион во вториот дел излезе со јасна идеја да се надигрува. Кујовиќ во 55’ минута имаше стопостотна можност за Гент, но играчот на мечот, Захов повторно рутински го сочува својот гол. На другата страна возврати Бесарт Ибраими, но неговиот шут го скроти Рине. Во последните 20 минути следуваше тотална офанзива на белгискиот состав која резултираше со погодок во втората минута од судиското продолжение. По корнерот изведен од Кумс, Кулибали донесе огромна радост на трибините.

[:
 

ГЕНТ – ШКЕНДИЈА 2-1 (1-1)
„Хеламко арена“, Гент. Судија: Серхеј Бојко (Украина). Стрелци: Матон 45’, Кулибали 90’ (Гент), Ибраими 9’ (Шкендија). Жолти картони: Кулибали, Кумс, Митровиќ (Гент), Вујчиќ (Шкендија).

ГЕНТ: Рине, Митровиќ, Гершон (85’ Пербет), Нилсен, Нето, Кумс, Матон (73’ Симон), Сајеф, Фокет, Кујовиќ (64’ Миличевиќ), Кулибали.

ШКЕНДИЈА: Захов, Тодоровски, Бејтулаи, Цуцули, Демири, Вујчиќ, Положани, Алими (82’ Таипи), Жуниор, Хасани, Ибраими (90’ Имери).

 

18 август 2016 - 23:00