Селтик со покривни знамиња против Мусолини, дали Бенито стварно навивал за Лацио?

Навивачите на Селтик кои важат за антифа и станаа прочуени со масовната борба за Палестина во конфликтот со Израел, веќе неколку пати од трибините вадат покривни знамиња со натписи на тема антифашизам како и казни и бесилки за Бенито Мусолини, познатиот италијански фашистички лидер од минатото.

Лацио и Селтик веќе неколку пати се судираат во Лига на шампиони или Лига Европа. Нивните дуели секогаш се прилика за навивачите (особено за оние од Глазгов) во прв план да го извадат антагонизмот кон другите.

Пред четири години кога играа во Лига Европа, лацијалите прошетале низ Глазгов со фашистичко салутирање, а на стадионот ги пречекало покривно знаме со слика на обесениот Мусолини кој така и завршува во Милано, обесен од партизаните. Тогаш навивачите на Селтик напишаа и „Следете го својот лидер“ под обесената фигура.

Лацијалите од друга страна важат за ултра-десничари (барем водечките групи на северната трибина на „Олимпико“. Таквата репутација го засилила митот дека Бенито Мусолини навивал за Лацио.

Поради овие настани, сега навивачите на Селтик ќе бидат под ризик на гостувањето во Рим па од клубот веќе е објавен флаер со начин на однесување и облекување за време на гостување на „келтите“ во Рим (28-ми ноември).

ПО ДОАЃАЊЕТО НА ВЛАСТ НА МУСОЛИНИ, ЛАЦИО САКАЛЕ ДА ГО ОБЕДИНАТ СО ДРУГИ КЛУБОВИ А ЕКИПАТА ПРЕЖИВЕАЛА БЛАГОДАРЕНИЕ НА ГЕНЕРАЛ (ИСТО ФАШИСТ)

Во март 2021-ва година Лацио потпиша договор со 18-годишниот фудбалер Романо Флориано Мусолини, правнук на познатиот италијански диктатор од времето. Малиот играл десен бек но не се задржал долго во клубот. Мајка му, внука на Дуче Мусолини, Алесандра Мусолини неколку години водела малубројна ултра-десничарска партија во Италија.

Се смета дека Лацио бил омилен клуб на Бенито Мусолини но нема многу вистина во тоа и се се сведува на мит. Во време на неговата власт, екипата за малку не била расформирана и немале некои големи победи во 1920-те години и во 1930-те години.

Лацио како атлетски клуб се појавил во 1900-те години. Го основале официри на италијанската армија кои сакале да ја популаризираат атлетиката и општо спортот во духот на Олимписки Игри. Од тука и боите: бело-сини ги земале од знамето на Грција па додале и древно-римска симболика. Во 1901-ва се појавила и фудбалска секција.

Во 1912-та година фудбалскиот тим дебитирал во тогашното првенство и освоил второ место, а следната година го повториле резултатот.

Прекрасно нешто било тоа за клуб од централна Италија во период кога на богатиот север на Италија фудбалот веќе активно се развивал.

Во 1922 на власт дошол Бенито Мусолини. Спортот одлично му легнал на идеите за национализам кои цветале за време и после Прва Светска војна. Фудбалот бил погодна почва за негување на патриотизмот, борбениот дух и нетрпение кон другата страна. Затоа фашистите речиси веднаш ги презеле италијанските клубови.

Во 1926-та година започнала реформа на првенството. Согласно „Документот Виареџо“ наречен по тосканското летувалиште. На играчите им било дозволено да потпишуваат професионални договори а наскоро лигата станала поуредена. Ако претходно клубовите играле по регионални лиги, за после да влезат во плејоф, веќе од 1929-та играле секој со секого.

Таквиот систем не само што привлекол гледачи но и бил идеолошки верен на системот - фудбалското првенство ја обединило целата земја, а фашистите промовирале идеја на единство и сплотеност.

Паралелно помали клубови се обединувале во една. Така во 1927-ма се појавила Рома со фузија на клубовите Роман, Алба-Аудаче и Фортитудо Про Рома. И Лацио требал да се претопи во оваа фузија, но од такво нешто ги спасил влијателниот потпретседател на клубот Џорџо Вакаро. Тој бил член на Националната фашистичка партија, бил секретар на Олимпискиот комитет, а во 1930-ти години го водел и Фудбалскиот сојуз на Италија.

Вакаро служел и армија и стигнал до титулата генерал. Во воените 1920-ти години бил голем авторитет, па успеал да го спаси Лацио од ликвидација со евентуално спојување со другите клубови гореспоменати.

Оваа одлука придонела да се појави едно од најголемите ривалства во историјата на фудбалот: римското дерби. Ден-денес навивачите на Рома кои го прозиваат Лацио за фашистичко минато забораваат дека Рома била исто политички проект во епоха на Мусолини. 

Лацио секако бил во привилегирана позиција со оглед на потпретседателот на државата кој го водел клубот. Еднаш дури и му подарил членска карта на Мусолини, но освен тоа нема веќе ниту еден доказ дека Бенито навивал за некој клуб од италијанското првенство тогаш, иако еднаш бил виден на натпревар на Рома.

Постои верзија дека ја поддржувал Болоња, тим од неговиот роден град кој шест пати ја освојувал шампионската титула во минатото. Не се знае дали диктаторот придонел за тоа.

Во секој случај и шампионската Болоња имала влијателен човек. Леандро Арпинати заземал високо место во Министерството за надворешни работи во тоа време и ја водел градската администрација во Болоња. На негово барање бил изграден стадион на кој Болоња игра ден-денес. Во 1926-та година Арпинати станал дури и претседател на фудбалската федерација (како претходно Вакаро од Лацио).

Во тоа време силен бил и Торино, а Болоња била втора. Во 1927-ма дури и се случил голем скандал кој се памети ден-денес во Италија. Тогаш шампион станал Торино но Леандро Арпинати ја обвинил екипата од Пиемонте за местење натпревари и им го одзеле скудетото. Така што во 1927-ма лигата немала победник. Лацио во тоа време бил скромен а при власт на Мусолини лацијалите само еднаш завршиле втори на табела и освоиле сребро во 1937-ма.

ЛАЦИО СТАНАЛ УЛТРА-ДЕСНИЧАРСКИ ВО 1970-ТЕ, ВО ВРЕМЕ КОГА ВО ИТАЛИЈА СЕ СТРЕЛАЛО И БЕСЕЛО

Зошто навивачите на Лацио ги нарекуваат фашисти? Радикализација на навивачите се случила 30 години после падот на режимот на Мусолини. Тоа бил многу тежок период во Италија кога владеел општ хаос а тој период во 1970-те години е познат во Италија и како „свински времиња“ или „оловно време“ како што гласел насловот на уметничкиот филм „Оловни години“ во кој се раскажува за социјалните немири во Федеративна Република Германија, а во Италија имало иста слика.

Во послевоените години земјата претрпела економски подем, но во 1970-те растот паднал, се зголемила инфлација и многу луѓе останале без работа. Тоа било погодна почва за екстремисти, како десни така и леви.

Во Италија битки воделе анархисти и неофашисти, непријателни не само едни против други туку и против власта. Нивната омраза довела до многу вооружени улични судири, бомбашки напади, апсења и терористички напади. Жртви на екстремистите биле политичари, власти и обични полицајци.

Најпознатиот терористички напад датира од 1980-та година во Болоња. Тогаш терористите поставиле страшен експлозив и во воздух ја кренале железничката станица при што загинале 85 лица. Уште не се знае кој го организирал нападот но најмногу се сомневало во ултрадесничарската NAR (Револуционерно здружение).

Овие потреси се прелиле и на трибините. Во тоа време Италија не заостанувала ни метар од другите европски земји каде имало хулиганизам, во прв ред Англија каде во 1970-те години младите луѓе основале навивачки групи.

Лацио првото организирано навивање го имал во 1971-ва година. Во хаосот на неонацисти, левичари, анархисти и власти, тифозите на Лацио зазеле крајно десна позиција.

После неколку преименувања движењето го нарекле Eagles Supporters. Такви групи имале сите големи италијански клубови, но Лацио во тоа време го имал најдобриот период во својата клупска историја. Во 1974-та екипата првпат го освоила шампионското скудето. Благодарение на тоа ултрас-групата станала се побројна а Лацио добил уште повеќе следбеници.

УЛТРАС ЛАЦИО

На крајот на 1980-те години еден од членовите на првата навивачка група Eagles Supporters основал уште порадикално движење. Го нарекле Irriducibili што во превод од италијански е „непобедливи“, „нескротливи“ или „непоколебливи“.

Не им била страна неофашистичката и неонацистичка репутација, напротив ја култивирале. На почетокот на ’90-те години групата Eagles Supporters скоро и да останала без членови и на трибината доминирала новата банда.

Тогаш групата ја презел Фабрицио Пистичели познат по прекарот „Дијаболик“ (така се викал херојот на италијански стрип од средина на ХХ век). Пистичели повеќе од 30 години беше обвинуван и осудуван за трговина со наркотици и за посед на нелегални недвиќнини. На неговата сметка имал милиони евра но главен капитал му биле влијанието и врските.

Тифозите на Лацио него го сметаат за човек кој ја кренал трибината. Во ’90-те и во 2000-те години на трибината на Иридучибили често се креваа пароли со навреди за црномурни лица, анти-еврејски ставови против навивачите на Рома. Во сезоната 2000/2001 кога Лацио играше во Лига на шампиони, УЕФА дури пет пати го казнила клубот за лошо поведение на навивачите.

Групата била толку моќна што во еден момент влијаела и на трансфер политиката на клубот. Диктирала кој ќе дојде а кој не смее. Во 2001-ва Лацио бил близу потпис со најдобриот дефанзивец на свет во тоа време, Французинот Лилијан Тирам но тифозите застанале против овој трансфер. Пистичели отишол на преговори со Французинот и му бојаснил зошто не сакаат да игра за нивниот клуб.

 

Претседателот на Лацио Серџо Крањоти изјавил дека ако ултрасите се мешаат во трансферите тој ќе си оди. Тој е можеби најважна фигура во историјата на Лацио. Во негово време клубот беше светски силен, ги донесе Пол Гаскоњ, Павел Недвед, Кристијан Виери, Свен-Горан Ериксон и првпат после долги години, во 2000-та Лацио го освои скудетото. Крањоти после тоа замина од клубот.

Најскандалозен играч кој играл во клубот е Паоло Ди Канио кој неретко ја поздравуваше северната трибина со римско салутирање. Тој ниту криеше симпатии кон фашизмот иако се вадеше дека не поддржува расизам и насилство.

Во време на Бенито Мусолини расните закони биле донесени во 1930-те години по сојузот со хитлеровска Германија.

Паоло Ди Канио како млад одел со групата Irriducibili и во автобиографијата пишува дека имал симпатии за Мусолини. Овие постапки го чинеле многу затоа што иако беше стручен коментатор на Sky Sport Italia, во 2016-та доби отказ кога во кадар се појавила тетоважата DUX што во превод од латински означува „вожд“, „војвода“ и тоа му било наменето на Бенито Мусолини.

Денес Иридучибили важат за една од најреспектабилните групи во Европа. Со времето се сменија и тие, па сега за Лацио нормално играат фудбалери од секаква раса, вера, нација, религија и никој не помислува да блокира нечиј трансфер.

Во август 2019-та година со неколку истрели од огнено оружје беше убиен лидерот на групата, Фабио Пистичели „Дијаболик“.

5 октомври 2023 - 10:52