Успехот на младинската ракометна репрезентација на Светското ракометно првенство во Алжир треба да биде испишан со златни букви. По триумфот во осминафиналето против Алжир и поразот во четвртфинале од Светскиот првак Франција, Македонија ја совлада Русија и се избори за меч за 5-то место.
Пред три дена станаа првата машка репрезентација во колективните спортови која влезе во топ 8 на еден Мундијал, но денеска се изборија за уште едно скалило погоре. Нашите јуниори се во друштво на најдобрите 6 ракометни селекции во светот.
Претходно најголемиот успех во македонскиот спорт на некое Светско првенство го држеше женската ракометна репрезентација на Македонија. Предводена од генерацијата на Индира Кастратовиќ на Мундијалот во Германија во 1997-ма заврши на седмо место.
До овој успех кој ни влева надежи дека имаме блескава ракометна иднина, Македонија стигна со 5 победи и 3 порази. Денешниот триумф кој традиционално го овековечија со ново селфи, беше втор против Русија и уште поголем од оној во групната фаза кој заврши 29:22.
За избраниците на Темелковски кој синоќа го имаа најтешкиот меч на Мундијалот против велесилата Франција, нема умор. Беа без повредените Крстевски и Арсеновски, но ја намачкаа Русија со победа од 36:27, а страшната доминација ја покажаа уште на полувреме која имаа +10.
Најефикасен во нашиот табор беше Филип Кузмановски со 7 гола, Мартин Велковски и Давор Палевски постигнаа по 6, а Филип Талески и Милан Лазаревски по 4. Мартин Томовски имаше 11 интервенции, а успеа да постигне и гол.
Капа доле за Илија Темелковски кој на Македонија и нос трет огромен успех на големите натпреварувања, како и за нашата извонредна генерација на талентирани ракометари од која се надеваме дека допрва ќе следи најдоброто.
Утре со почеток од 14:00 часот ќе играат против Унгарија, по што ќе се знае дали ќе бидат петти или шести во свет.