Сегде појди, дома дојди - чудно лето за шпицот на Виљареал

Фудбалскиот клуб Малага (игра во Сегунда) е извор на нејасни информации, шпекулации и чудни зделки. Наводно имаа сериозни планови за сезонава, ама на крај, како и секоја во последниве 4-5 години, ни сами не знаат кај тераат.

Малага одлучила да не троши ни пезос летово, но потпиша договор со неколку слободни агенти меѓу кои и сериозното засилување Шинџи Оказаки од Лестер. Јапонецот дојде на крајот од јули и одигра три пријателски средби.

Но на почетокот на септември шпанските медиуми пренесоа дека Малага не можела да ги подмири сите долгови и дека немала доволно средства за да исплати плати.

Во Ла Лига и во Сегунда уште од 2013 година година постои финансиски лимит, така што секој клуб кој не ги почитува регулативите, не смее да регистрира нови играчи и тренери.

Малага на крајот од минатата сезона била должна 25,2 милиони евра на разни страни. Поради тоа се откажале од Јапонецот.

ЖАЛНО ЛЕТО ЗА МЛАД, КВАЛИТЕТЕН ФУДБАЛЕР

Заедно со Оказаки од Малага замина и 22-годишниот напаѓач Симон Морено, кој има лето за заборав. Минатата сезона Морена играл во шпицот на вториот тим на Виљареал во Сегунда Б (трета лига) и постигнал 13 гола на 36 натпревари.

За да стекне поголемо искуство, Виљареал решил сезонава да го прати на позајмица во екипа од Сегунда. 

На крајот од јули, Морено на голема врата беше претставен во Алмерија каде што се приклучи на екипата во пред-сезонската фаза. Но клубот го очекувале големи промени - дошол нов сопственик од Саудиска Арабија (Турки Ал-Шеих) кој решил да го отпушти главниот тренер Оскар Фернандез и избркал неколку фудбалери вклучувајќи го и младиот новодојден Морено.

На сопственикот од Саудиска Арабија не му се допаднало тоа што Виљареал во договорот за позајмица не вклучил и клаузула за право на откуп на крајот од сезоната. И така Морено ни крив ни должен, заминал од клубот.

Ги спакувал куферите и се вратил во Виљареал, но пред крајот од преодниот рок му нашле нова варијанта - Малага. И пак позајмица, пак презентација, сликање со дрес, автограми итн. На социјалните мрежи на Малага се појавило дури и промотивно видео со новото засилување.

Од минатата сабота Морено тренирал со Малага и бил спремен за мечот против ЖЃирона, но одново некој друг му ја кроел судбината. И тоа пак газда, сопственикот на Малага Абдула Ал Тани го раскинал договорот.

Точната причина не се знае, но веројатно дека е истата приказна како и со Јапонецот Оказаки. Малага можела да има сериозни проблеми со регистрација на фудбалерите, па затоа решиле да се ослободат од Морено.

А младиот симпатичен центарфор се вратил во Виљараел и во следните месеци ќе игра пак во третата лига - Сегунда Б.