Се поместуваат ли возрасните граници: 16-годишни деца играа и даваа голови во Лига на шампиони

Во Лига на шампиони неделава се играше одличен фудбал со убави голови. Во отсуство на Ерлинг Халанд голови за победа на Сити дадоа Алварез, Марез но и едно ново дете на Пеп Гвардиола кое се прослави на вториот меч во Лига на шампиони. И за Баерн и Копенхаген играа млади деца.

Паул Ванер (генерација 2005-та, 16 години, Баерн Минхен)

Баварците во страшно тешка група со Интер и Барселона поминаа неверојатно лесно и со сите 6 победи на 6 меча покажаа зошто секоја сезона ги сметаат за најголеми фаворити.

Ова беше трет пат Баерн Минхен да пројде група во Лига на шампиони со сите победи и тоа е нов рекорд.

Баварците во последното коло не спуштија гас ниту против Интер кого го победија со 2:0. Тренерот Јулиан Нагелсман искористи прилика да им даде шанса на младите Матис Тел (17-годишен центарфор од Франција кој во Баерн дојде од Рен како голем вундеркинд) и новото чудо на германскиот фудбал, левиот офанзивен бек Паул Ванер.

16-годишниот Ванер кој е роден на 23 декември 2005-та, на 12 години дошол во Баерн Минхен од анонимниот клуб Равенсбург на 1-ви јули 2020-та.

Откако ги импресионирал сите тренери во младинските категории, бил прекомандуван во првиот тим на Баерн Минхен од Нагелсман во јануари 2022-ра, а дебитираше на 7-ми истиот месец во Бундеслига на мечот против Борусија Менхенгладбах кога влегол од клупа за резерви наместо Марк Рока во 75’ минута.

Така Паул Ванер стана најмладиот играч во историјата на Баерн Минхен со само 16 години и 15 дена и втор најмлад во историја на Бундеслига по Јусуфа Мукоко од Борусија Дортмунд кој бил 14 дена помлад на своето деби за „милионерите“. 

Ванер настапува за Германија У-17. Интересно тој е роден во Дорнбирн во Австрија и имал германско и австриско државјанство.

Сензација стана на 12 октомври, пред неколку дена кога на 16 години и 293 дена влезе во игра на мечот Викторија Плзен - Баерн Минхен (2-4) во Лига на шампиони и стана најмлад играч на Баварците во историјата на еврокуповите (влезе наместо стоперот Упамекано во 70’ минута).

Со неговиот втор настап во елитната Лига на шампиони, во триумфот против Интер од 2-0, Паул Ванер и дефинитивно станува важен дел од гигантот Баерн Минхен и има голема доверба од тренерот Јулијан Нагелсман.

Тој е левучар и досега играл како лево крило, десно крило и лев бек. Има договор со Баерн Минхен до 30 јуни 2027 и скоро е сигурно дека богатиот клуб од Баварија ќе го продолжи договорот со својот бисер кој со играта премногу потсеќа на Кај Хаверц.

РИКО ЛУИС (генерација 2004-та, 17 години, Манчестер Сити)

Манчестер Сити, односно менаџерот Пеп Гвардиола го имаат тој луксуз да ги поседуваат најдобрите фудбалери донесени благодарение на богатите газди шеици.

Но Пеп не би бил најдобар тренер на денешницата ако не размислува и за иднината. Таков визионер не размислува два пати во игра да пушти младо дете кое ќе кали искуство за понатаму.

Така беше случајот со младиот Рико Луис (17) кој доби шанса од почеток на мечот Манчестер Сити - Севиља (3:1).

Во 52’ минута од овој дуел шпицот Хулиан Алварез му украде една топка на бекот на Севиља Алекс Тељеш и брзински го проигра младиот стопер Рико Луис кој силно шутираше од прва и изненадувачки постигна преубав гол.

Рико и самиот не веруваше што го снашло а сите постари соиграчи исто изненадени притрчаа да му честитаат со насмевки.

Луис така стана најмладиот стрелец на гол во Лига на шампиони во историјата на Манчестер Сити а го урнал и рекордот на Карим Бензема. Рико Луис постигна гол во ЛШ  на 17 години и 346 дена а Карим тоа го стори на 17 години и 352 дена во далечната 2005-та.

Интересно, иако после овој гол Сити даде уште два (Алварез и Марез), УЕФА заслужено го прогласи младиот Рико Луис за играч на мечот. Тој има договор до 2025-та година а за две ипол недели ќе полни 18 години.

Рико Луис од дете е во системот на Манчестер Сити. Минатата сезона за првпат Гвардиола го викнал со првиот тим за првиот меч во сезоната а една недела подоцна на 13 август 2022 против Борнмут Рико дебитираше кога влезе во игра во 82’ минута наместо Кајл Вокер.

Во Лига на шампиони своето деби го имаше во триумфот од 5-0 на Сити над Копенхаген кога влезе наместо Жоао Кансело од клупата за резерви.

РУНИ БАРДГЏИ (генерација 2005-та, 16 години, ФК Копенхаген)

Младиот бисер на данскиот тим е роден во Кувајт од сириски родители. Во 20120-та година на 7 години се сели со најблиските во Шведска каде почнува да тренира фудбал за Калинге СК, Родеби и Малме.

Во 2020-та потпишува договор со Копенхаген и од Малме прави трансфер во најголемиот дански клуб. На 21 ноември 2021-ва Бардгџи кој игра во средниот ред и е офанзивен универзалец дебитирал за Копенаген на мечот со Архус во данската лига. Седум дена подоцна против Алборг го постигнал и првиот гол за првиот тим на Копенхаген.

Со тој настап Бардгџи ги импресионирал сите во клубот и од тогаш е со првиот тим.

Игра за Шведска У-21 и наскоро би можел да биде повикан во најдобрата селекција на Швеѓаните. Чудесниот талент Руни Бардгџи на 16 години веќе има 12 настапи за Копенхаген од кои 2 во Лига на шампиони и 2 гола во данската Суперлига.

Жиру го носи Милан во 1/8 финале, вечер на гол-гол во Лига на шампиони

Дечки, ја имаме ли бакљадата на сезоната?

Првата жена судијка во Лига на шампиони досуди 3 пенали за половина час

3 ноември 2022 - 10:30