Во пресрет на утрешниот меч во квалификациите за ЛШ од 20:45 против Динамо З., тренерот и капитенот на Вардар, Седлоски и Бобан Грнчаров велат дека се максимално спремни за големиот предизвик против најголемиот балкански клуб.
„Ги повикувам Комитите да направат атмосфера каква што само тие знаат. Ни доаѓа Динамо, тим кој скоро секоја година игра во ЛШ или во ЛЕ, а тоа е добро за нас, да видиме до каде сме. Знам дека сите играчи утре ќе го дадат својот максимум“, го отвори денешниот прес тренерот на Вардар, Гоце Седлоски.
На Црвено-црните не им проаѓа ден а да не зборуваат за хрватскиот шампион, вели Грнчаров.
„Пред 20 дена кога го добивме Динамо Загреб за противник, нашиот тренер направи добра анализа. Немаше ден каде што не зборувавме за нив. Како што кажа шефот ние сме доста искусна екипа, играме пред нашите навивачи и се надевам на победа. Се освен победа ќе биде неуспех за нас, затоа што реваншот се игра кај нив во Загреб“, додаде капитенот Грнчаров.
Во однос на здравствениот билтен, тренерот на Вардар изјави дека сите играчи се подготвени.
„По вечерашниот тренинг ќе одлучам со кои 11 ќе истрчаме утре против Динамо Загреб. Сите се во строј, работиме на колективот. Сигурно дека и тие имаат слаби страни и слабости. Нашите играчи се искусни, не се плашиме. Што се однесува до формацијата, нема да менуваме ништо“, додаде Седлоски, и самиот некогаш играч на Динамо Загреб.
Во кампот на Динамо во Словенија каде „Модрите„ се спремаа веќе неколку дена тренираат и повратниците од репрезентацијата Чориќ, Шилденфилд, Марко Рог и Пјаца. За тоа на кој нивен играч посебно ќе внимаваат, капитенот на Вардар изјави:
„Најголема опасност има од нивното трио напред, особено од нивната десетка во нападот заедно со страничните шпицови“, се надоврза Грнчаров.
Трибините на „Филип Втори" ќе бидат отворени од 18:00. Се очекува околу 20.000 присутни гледачи, со оглед на тоа како оди продажбата на карти, истакнаа од Вардар. Вечерва Динамо Загреб ќе има тренинг на Филип Втори Арената во Скопје од 20 часот, а прес конференцијата на Хрватите е закажана за половина чес претходно.