Се сеќавате ли на Ан Јунг хван? Првиот фудбалер од Јужна Кореја кој заигра во Серија А и ноќна мора на Буфон, Панучи, Малдини, Коко, Јулијано, Ѕанети, Томази, Ѕамброта, Дел Пјеро, Тоти, Виери, Гатузо, Инѕаги, Дони, Абијати, Неста, Ди Ливио, Делвекио, Монтела, Толдо и Матераци.
Бандата на Џовани Трапатони која четири години подоцна под водство на Марчело Липи стана светски првак, но која СП 2002 во Јапонија и Јужна Кореја засекогаш ќе го памети по лошо.
Оваа генерација, кадарна за високи дострели која тоа го докажа во Германија, се сопна на првата пречка во нокаут фазата и тоа изненадувачки од Јужна Кореја во осминафинале.
Италија поведе со голот на Бобо Виери, водство кое го чуваше 70 минути, се до 88-ма кога израмни Сол Ги Хен. На само 3 минути до изведувањето на пеналите или поточно во 117-та минута Ан Јунг хван го натскока Малдини и даде гол со глава.
Во тоа време постоеше правилото „Златен гол“ или во превод фаворитот Италија се соочи со елиминација.
Следниот ден, газдата на Перуџа Лучијано Гаучи, му го раскина договорот на Хван и изјави:
„Немам намера да му давам плата на некој што го уништи италијанскиот фудбал“.
Италија доби двајца непријатели. Еквадорскиот судија, Бајрон Морено кој го обвинија за судиски грабеж и стрелецот Ан Јунг хван кој во периодот 2000-2002 имаше 30 настапи и 5 гола за Перуџа.
Ан се врати во Азија каде играше за две јапонски екипи, а три години подоцна повторно заигра во Европа за екипите на Мец и Дуисбург, каде не се прослави. Кариерата ја заврши во Кина 2011-та.
После 20 години, во документарец на ФИФА изјави дека повторно би го направил истото.
„Нема никаков закон кој вели дека ми е забрането да постигнувам гол против Италија. Сега кога ќе го погледнам сето тоа, би ја сменил целата кариера за само еден гол против Италија. Воопшто не жалам за тоа и тоа е најгорд момент во мојата кариера. Она што го направи Перуџа поради тоа е нивен проблем. Никому не му е забрането да дава голови за својата репрезентација против Италија“, рече Ан.
46 годишниот Кореец одигра 71 натпревар и постигна 17 голови за репрезентација, а „Златниот гол“ против Италија е белег на неговата кариера.
ФИФА на СП 2002 лобирала за Јужна Кореја на штета на Италија и Шпанија