Сандра Роси, првата жена психолог во фудбалска Јужна Америка

Многу веѓи се кренале во Аргентина кога славниот клуб од Буенос Аирес решил за помошен тренер да назначи жена психолог по професија. Таа брзо ги демантира скептиците и станува најзаслужна за ведрата атмосфера во Ривер.

Од моментот кога Сандра Роси се симнала на теренот на Естадио Монументал да се фотографира со Марсело Гаљардо и остатокот од тимот на Ривер Плата, таа била свесна дека се впушта во тешка мисија.
 
Нејзината насмевка истиот ден значела и остварување на детскиот сон. Роси не доаѓала само во еден од најголемите клубови во Јужна Америка, туку во нејзиниот омилен клуб од детството. Во истовреме станала и првиот женски помошен тренер во историјата на професионалниот фудбал на тој континент.
 
Тој момент, во јуни 2014-та бил старт на еден од најуспешните периоди во кариерата на Сандра Роси. Таа работела на менталната/психолошката страна од играта и користела метод neuroplasticity, познат и како тренинг на мозокот.
 
Роси која што била назначена од тренерот Гаљардо, легендата на Ривер Плата, се запознала со него година ипол претходно кога се договориле да ја викне во стручниот штаб при следниот ангажман. Работата во доминантно машка средина не ѝ била страна и нова, но и покрај тоа многу пријатели ја прашувале зошто прифатила.

„Многумина мислеа дека нема да истраам повеќе од два месеци, и тоа ако имам среќа. Многумина мислеа дека нема да издржам, дека тоа не е место за жена. Малку по малку се запознававме едни со други, ги тргнвме суетите и можевме да изградме место каде на сите ќе им биде комфорно. Не беше лесно затоа што секој има его и сака да биде успешен", вели Сандра Роси.

Таа ниту еднаш не почуствувала полова дискриминација. Имала искуство и во Полската машка одбојкарска репрезентација, како и во разни Олимписки селекции на Аргентина. Роси имала и голема заслуга во развојот на машкиот рагби тим на Аргентина.

„Многу ја сакам работата, така што не видов зошто не би работела со мажи. Од надвор луѓето би рекле дека сум луда. Работиш во фудбалот? Ти си луда, си забегала, што ќе правиш со тие таму? Во еден момент почнав да се прашувам дали избрав исправна одлука", раскажува Сандра Роси.

Во една година Ривер Плата освои првенство, Супер Куп, Копа Судамерикана и Копа Либертадорес. Сезона успешна како ретко кога во Буенос Аирес. Сандра имала голема заслуга за овие успеси а со стручниот штаб патувала и на финалето на Светското Клупско првенство каде загубија од Барселона.

Напаѓачот Теофило Гутиерез изјави дека Сандра Роси многу му помогнала на психолошки план

Нејзината работа не е само да „ги отклучи" мозоците, туку да им помогне на играчите да се носат со стресни ситуации. За разлика од 2015-та, оваа сезона не беше нималку успешна како таа. Ривер играше бледо во првенството а во Копа Либертадорес испадна во осмина-финалето.

„Само ако сте со нив одблизу може да сфатите со колкав притисок се носат, па дури и на млади години. Многу од нас на тие години студира, учи школо или почнува со работа, а играчите се соочуват секојдневно со неверојатен притисок", додава Сандра.

Во амбиент каков што е аргентинскиот фудбал, машкоста царува. Некои емоции се „забранети" така што на играчите не им е лесно да го издржат притисокот.

„Во една година пропатувавме 150.000 километри. Лично јас мирно се носев со тоа, но за играчите е голем напор. Од нив сакаме да бидат поврзани еден со друг и да си помагаат во дадени ситуации. Замислете жена во група од 50 мажи. Поминуваме часови и часови заедно, многу од нив можат да ми бидат синови и имаме одличен однос. Разговараме ако се тажни, загрижени, исплашени. Се отвораат и им олеснува", констатира Сандра на која многу ѕвезди и се благодарни што им помогнала во тешки и стресни ситуации.