Самсоненко на 11 август се обрати со соопштение дека е длабоко вознемирен од сето она што го прочитал во медиумите и на социјалните мрежи за него и дека се повлекува комплетно од Вардар, но денеска најави дека се предомислува. Изјава која беше проследена со аплауз во прес центар на ФК Вардар.
„Ми се собра до срце, па со жешка глава кажав дека заминувам. Не сакав да си одам од Вардар и сакам да им порачам на сите добри луѓе да не верувате во невистините кои ги пишуваат за мене. На тие што пишуваат, сакам да им порачам дека немаат ни срам ни совест. Вас ве сметам за предавници зошто не сум направил ништо лошо за оваа држава, која ја засакав како своја и направив само добри работи. Тоа што го направивте е дно“.
„Јас не сакав да заминам и нема да заминам од Вардар. Ќе останам и во добро и во лошо, ќе дадам сè од себе и ќе помогнам на сите клубови“.
Во однос за историскиот меч на Вардар против Зенит, го прашавме директорот на клубот Самоил Симев зошто немаше медиумска кампања, промотивни видеа, билборди и сл. за средбата која привлече околу 15.000 публика на стадион кој собира 33.000.
„Медиумска кампања имаше на три радија, а социјалните мрежи колку што јас ги следев видов дека беа преплавени со наши објави и заложби на повикување на што повеќе публика на натпреварите. Во однос на тоа што го прашувате за билборди, тоа е дополнителен трошок за клубот. Ако сите ние знаме дека е испишана историја со Вардар и дека сме влезени во групната фаза од ЛЕ, поголема реклама од тоа нема. Во однос на телевизиите, тука беше МРТВ која го рекламираше мечот Вардар - Зенит“, изјави Симев
На неговата изјава се надоврза и Самсоненко кој призна дека кампањата им била лоша.
„Во право сте, Самоил не е запознаен бидејќи вчера имаше многу други обврски околу организацијата на натпреварот. Ние вчера имавме состанок и забележавме дека имаме лоша кампања од наша страна. Разговараме со ПР службата и преземавме мерки од следниот натпревар да биде многу подобро“, рече сопствениокот на Вардар кој за синоќешниот меч ги пофали комитите.
„Сакам да им се заблагодарам на Комити за вчера. Видовте како беа организирани. Комити се дел од Вардар и тоа не се дели. Ние ги сакаме, имаме понекогаш недоразбирање. Ние сакаме се да им помогнеме во дел од транспаренти, кореорафии, подршка, патувања... Во секој случај ги поддржуваме, но проблем е кога не казнуваат 77.000 евра, а тоа се големи пари за македонски услови. За тие пари може да земеме млади играчи. Ние од Комити ништо не баравме никогаш, само - коректно навивање. Ние сакаме да се подобрат работите во нивната организација, затоа што и за нив ќе биде подобро и полесно. И тие да бидат организирани како што е клубот“
Пред еден месец Фејсбук порталот Вардарова Колекција тврдеше дека последните плати во РК, ЖРК и ФК Вардар ги земале во месец април, но Самсоненко ги демантираше тие тврдења.