Судот ги одбил барањата за пуштање на слобода со кауција а во образложението на одлуката пишува дека двајцата имаат финансиски ресурси со кои би можеле да избегаат од земјата.
Кокорин и Мамаев, од големи ѕвезди на теренот до тешки идиоти во очите на јавноста во рок од неколку месеци. При појавувањето на суд каде имало многу новинари, полицајци, адвокати и роднини, Кокорин дошол со мајка му која постојано плачела на сослушувањето, додека Мамаев дошол со сопругата.
„Уништени семејства и растурени животи поради едно пиво повеќе“, рекол заменик претседателот на руската државна Дума, Игор Лебедев.
Во меѓувреме судот одлучил да бидат два месеци во затвор до конечната пресуда.
ШТО РИЗИКУВААТ КОКОРИН И МАМАЕВ?
И покрај двете отворени писма во кое се каат, Кокорин и Мамаев се зад решетки во затворот Бутрика во Москва. Ќе бидат изолирани еден од друг и од останатите затвореници за да не може да зборуваат меѓу себе.
Познатите фудбалери ги очекува затворска казна од 7-години.
Во членот 116 од кривичниот законик на Руската Федерација, двата фудбалери ги очекува две години затвор за нападот на Денис Пак, функционер во Министерството за трговија кого Кокорин го удри со столица во глава па продолжи да го напаѓа (максимална казна за ова дело е 2 години а минимална 360 часа друштвено-корисна работа).
За другиот случај со телевизискиот водител Соловчук на кого му нанеле сериозни повреди, според членот 112 од кривичниот законик ги очекува 5-годишна затворска казна (белорускиот државјанин завршил во болница).
Во исто време адвокатот на Денис Пак ги обвинил за хулиганизам. Се огласија и од руската Премиер лига: „Нема место за насилници во фудбалот, шокирани сме од настаните.“
Лебедев од руската Дума додал и дека „двајцата се мртви како фудбалери“ и дека веќе никогаш нема да заиграат ниту за репрезентацијата ниту во руската лига чии раководни лица разгледуваат доживотна суспензија од домашното првенство.
ПОЗИЦИИТЕ НА ЗЕНИТ И КРАСНОДАР
Зенит најави но се уште не ја соопшти својата одлука за нивниот центарфор Александар Кокорин. „Потресени сме и очекуваме истрага од надлежните органи. Се срамиме за ова што се случи. Ќе има казна за фудбалерот но во моментов не може да зборуваме за тоа. Разочарани сме затоа што еден од најталентираните играчи во земјава се однесувал така одвратно.“
Дресот на Кокорин е повлечен од продажба во сите овластени продавници а неговото име е избришано и од клупските канали на YouTube. Фудбалскиот клуб Краснодар каде играше Мамаев беше уште пожесток во соопштението:
„Тоа што видовме на видеата е страшно, ја разгледуваме можноста за раскин на договорот.“
Но има уште една неволја за фудбалерот: во договорот на Мамаев стои клаузула дека фудбалерот би требал да плати 30 милиони евра во случај договорот да е раскинат поради кршење на дисциплината.
ПРЕТХОДНИ БУДАЛАШТИНИ НА КОКОРИН И МАМАЕВ
Агресијата од понеделникот на овие двајца фудбалери е последна во серијата инциденти поради што ја прелиле чашата на властите кои досега им прогледувале низ прсти.
Кокорин и Мамев се другари 10 години, како што пишува во последниот пост на Инстаграм на Кокорин под фотографија на која со Мамаев „го прославувале“ другарскиот јубилеј. По катастрофалниот настап на Русија на Европското 2016, двајцата избегале од базата во Монтекарло и излегле во ресторан каде потрошиле 300.000 евра на шампањи.
Поради тоа фудбалската федерација ги суспендираше, нивните клубови ги казнија и двајцата беа исфрлени од репрезентацијата на неколку месеци. Кокорин во меѓувреме заигра за Русија но кратко затоа што во 2017 се скарал со селекторот Черчесов кој го избркал од подготовките за Купот на Конфедерации пред Светското летово.
Изминатово лето се сликал со маица со ликот на Есобар: познатиот колумбиски дилер (фотографијата и натаму стои на профилот на Инста на Кокорин).
Но тоа не е се: во 2017 година со пиштол пукал во Осетија за време на свадбата на еден негов другар. Во 2014 година ја истепал тогашната девојка поради неколку негови фотографии со стриптизети.