Роналдињо со писмо до малиот Роналдињо

Неколку НБА ѕвезди меѓу кои Коби Брајант и Кевин Гарнет си напишаа писмо сами на себе. Трендот го продолжи Роналдињо на кој освен нозете, одлично му работи и перото. Ова е неговиот фудбалски пат раскажан хронолошки со многу емоции и со две пораки: насмевка и слободно играње фудбал.

Драг 8 годишен Роналдињо

Утре, кога ќе се прибереш од играње фудбал, дома ќе има голем број на луѓе. Чичковци, пријатели и други луѓе кои нема да ги познаваш. Прво ќе помислиш дека доцниш на забава и дека сите се собрани за да го прослават 18 годишниот роденден на брат ти Роберто.

Обично кога доаѓаш дома од фудбал, мајка ти секогаш се смее и се шегува.

Но овој пат таа ќе плаче.

Потоа ќе го видиш Роберто. Тој ќе ти ја стави раката на грб и ќе те однесе во тоалетот за да можеш да бидеш сам. Потоа ќе ти каже нешто што нема да го разбереш.

„Се случи несреќа. Тато го нема. Умре.“

Тебе нема да ти биде јасно. Што значи тоа? Кога ќе се врати? Како може тато да умре?

Тато беше тој кој ти кажа да играш креативно на терен, оној кој ти рече да играш со слободен стил – едноставно само да си играш со топката. Тој верува во тебе повеќе од било кој друг. Кога Роберто почна да игра професионално фудбал за Гремио минатата година, тато им кажа на сите `Роберто е добар, но внимавајте на неговиот помал брат`.

Тато беше суперхерој. Го сакаше фудбалот толку многу, што дури и по работењето на бродоградилиште во текот на неделата, одеше за викенди на стадионот на Гремио да работи како обезбедување. Како може никогаш повеќе да не го видиш? Нема да разбереш што ти зборува Роберто.

Нема да почувствуваш сега така. Тоа ќе дојде подоцна. По неколку години ќе мора да прифатиш дека татко ти нема повеќе да се врати на земјата. Тоа што сакам да го разбереш е дека секој пат кога ќе ја имаш топката, тато ќе биде со тебе.

Кога ќе ја имаш топката покрај нозе, тогаш си слободен и среќен. Тоа е речиси исто како кога слушаш музика. Тоа чувство ќе те натера да шириш радост за другите.

Среќен си бидејќи го имаш Роберто. Иако тој е постар 10 години и веќе игра за Гремио, Роберто секогаш ќе биде тука за тебе. Тој нема да ти биде само брат, тој ќе ти стане и како татко. И повеќе од сè, тој ќе биде твојот херој.

Ќе сакаш да играш како него и ќе сакаш да бидеш како него. Секое утро кога ќе се упатиш накај Гремио ќе играш за младинскиот тим, а додека Роберто игра за сениорите, ќе отидеш во соблекувална со твојот брат, со фудбалската ѕвезда. И секоја вечер кога ќе си легнуваш, ќе си помислиш дека треба да делиш соба со твојот идол.

Нема постери на ѕидовите во собата која ја делите, има само мал телевизор. Тоа и не е важно, бидејќи нема да имате време заедно да гледате фудбал. Кога не патува на натпревари, Роберто оди надвор за да игра повеќе фудбал.

Таму каде што живееш во Порто Алегре, има дрога и банди. Ќе биде тешко, но се додека играш фудбал, на улица, во парк, со кучето, ќе се чувствуваш безбедно.

Да, реков со кучето. Тој е неуморен бранител.

Ќе играш со Роберто. Ќе играш со другите деца и со постарите момци во паркот. Но на крајот секој се изморува, но ти ќе продолжиш да играш фудбал. Секогаш земај го со тебе кучето Бомбом со тебе. Бомбом е глупак. Вистинско бразилско куче. Па дури и бразилските кучиња сакаат фудбал. Тој ќе ти биде одлична пракса за дриблање.

Години потоа, кога ќе играш во Европа, неколку дефанзивци ќе те потсетуваат на Бомбом.

Детството за тебе ќе биде многу поразлично. Кога ќе имаш 13 години луѓето ќе почнат да зборуваат за тебе. Ќе зборуваат за твоите вештини и за тоа што можеш да го правиш со топката. Во тоа време фудбалот за тебе е сè уште само игра. Но во 1994-та кога ќе имаш 14 години, Светското првенство ќе ти покаже дека фудбалот е повеќе од само едноставна игра.

17 јули, 1994-та, датум кој го памети секој Бразилец. На тој ден ќе патуваш со младиот тим на Гремио на гостување во Бело Хоризонте. На тв ќе оди финалето од Светското првенство, Бразил против Италија. Цела земја ќе го гледа.

Насекаде во Бело Хоризонте ќе има бразилски знамиња. Нема да има други бои освен зелена и жолта. Во секое ќоше од градот ќе биде вклучен пренос од мечот.

Ти ќе гледаш со своите соиграчи. По последниот свиреж на судијата, резултатот ќе биде 0:0 и мечот ќе продолжи на пенали.

Италија ќе го промаши првиот, а исто така и Бразил. Потоа Италија ќе погоди, а Ромарио ќе се мести, ќе шутне на левата страна, а неговите колеги ќе се радуваат.

Италија повторно ќе погоди и пак ќе има тишина.

Бранко ќе даде гол за Бразил, а Тафарел ќе одбрани. Следува Дунга кој ќе се запише меѓу стрелците.

Потоа доаѓа моментот кој нема да го промени само твојот живот, туку и животот на милиони Бразилци.

Се мести Баџо, зема залет и промашува.

Бразил е Светски шампион.

Во текот на лудата прослава ќе ти стане јасно што сакаш да правиш во остатокот од животот. Ќе го реализираш тоа што најмногу им значи на Бразилците. Ќе ја почувствуваш моќта на овој спорт. Најважно е што ќе ја видиш среќата која фудбалот може да им ја донесе на обичните луѓе.

„Ќе играм за Бразил“, тоа ќе го кажеш тој ден.

Нема сите да ти веруваат, особено со начинот на кој играш.

Ќе има некои тренери, особено еден кој ќе ти каже дека не играш на начинот на кој што треба да играш. Тој ќе мисли дека треба да бидеш посериозен, дека треба да престанеш да дриблаш. Ќе ти рече дури и дека нема никогаш во животот да успееш како фудбалер.

Користи ги овие зборови како мотивација и како фокус. И потоа помисли на играчите кои играат убаво. Денер, Марадона, Роналдо.

Помисли на тоа што ти го кажа татко ти, да играш слободно и едноставно да си играш со топката. Играј со радост. Ова е нешто што многу тренери нема да го разберат, но кога си на терен никогаш нема да калкулираш. Сè ќе си доаѓа природно. Пред да размислиш за нешто, твоите нозе веќе ќе ја донесат одлуката.

Креативноста ќе те однесе подалеку од калкулирањето.

Еден ден, само неколку месеци откако ќе гледаш како Ромарио го крева пехарот од СП 1994, твојот тренер од Гремио по тренингот ќе те повика во канцеларија. Ќе ти каже дека имаш повик за репрезентацијата У17. Кога ќе отидеш во тренинг центарот, ќе видиш нешто што нема никогаш да го заборавиш. Во бифето ќе забележиш фотографии кои висат на ѕидовите со Пеле, Зико, Бебето.

Ќе чекориш на истите места како тие легенди. Ќе седнеш на истото место каде што седеле Ромарио, Роналдо и Ривалдо. Ќе ја јадеш истата храна што ја јаделе тие. Ќе спиеш во истите соби каде што спиеле тие. Кога ќе ја спуштиш главата на перница, твојата последна мисла ќе биде `Се прашувам кои од моите херои спиел тука`.

Следните четири години нема да правиш ништо друго, освен играње фудбал. Животот ќе го минеш во автобуси и фудбалски терени. Всушност од 1995-та до 2003-та нема никогаш да земеш одмор. Тоа ќе биде тежок период.

Кога ќе наполниш 18, ќе постигнеш нешто на што твојот татко ми бил многу горд. Ќе дебитираш за сениорскиот тим на Гремио. Единствената тажна работа е што Роберто нема да биде таму. Повреда на коленото ќе му го скрати времето во Гремио и ќе оди да игра во Швајцарија. Нема да го споделиш теренот со твојот херој, но си поминал толку време гледајќи го како игра, така што знаеш што да правиш и како да реагираш.

Во деновите кога се игра натпревар ќе се прошеташ во местото каде татко ти работел за викенди како обезбедување. Ќе влезеш во соблекувална каде што брат ти те носел како дете. Ќе го облечеш црно-белиот дрес на Гремио и ќе помислиш: Животот не може да биде подобар од овој. Ќе мислиш дека конечно си успеал, играјќи за клубот од својот роден крај.

Но тука не завршува приказната.

Следната година ќе го играш првиот меч за сениорската селекција на Бразил. Ќе се случи нешто смешно. На првиот тренинг за репрезентација ќе се појавиш со задоцнување од еден ден. Зошто? Ќе играш финале со Гремио против Интернационал кое ќе биде одложено за следниот ден.

Капитен на Интернационал ќе биде капитенот на освојувачот на Мундијалот 94, Дунга.

Ќе играш многу добро на овој меч и кога ќе се појавиш на терен на првиот тренинг со Бразил, твоите колеги – момците кои ги гледаше во финале 94-та, ќе зборуваат за еден играч: малиот со број 10.

Ќе зборуваат за тебе.

Ќе зборуваат за тоа како си го дриблал Дунга. Ќе зборуваат за твојот шампионски гол во финалето. Но немој да бидеш премногу сигурен, бидејќи нема да ти биде лесно. Тоа ќе биде најважниот момент од твојот живот. Кога ќе стигнеш до тоа ниво, луѓето ќе очекуваат многу работи од тебе.

Ќе продолжиш да играш на својот начин? Или ќе почнеш да калкулираш?

Единствениот совет што можам да ти го дадам е ова: Прави го тоа на твој начин. Биди слободен. Слушај ја музиката. Тоа е единствениот начин за да го живееш животот.

Играњето за Бразил ќе ти го промени животот. Одеднаш, вратите за кои не си знаел, ќе ти се отвораат сами.

Ќе почнеш да размислуваш за играњето во Европа, каде многу од твоите херои заминаа да се докажат. Роналдо ќе ти раскажува за животот во Барселона. Ќе ги видиш неговите награди, неговата Златна топка, неговите клупски трофеи. Одеднаш ќе посакаш и ти да направиш историја. Ќе почнеш да сонуваш за играње надвор од Гремио и во 2001-ва ќе потпишеш за ПСЖ.

Како да му кажам на дете кое е родено во дрвена куќа за тоа каков е животот во Европа? Тоа е невозможно. Нема да разбереш, дури и ако ти кажам. Од времето кога замина во Париз, потоа Барселона, Милано, се ќе се случува многу, многу брзо. Некои медиуми во Европа нема да го разберат твојот стил на игра. Нема да разберат зошто секогаш се смееш.

Се смееш бидејќи фудбалот е забава. Зошто би бил сериозен? Твојата цел е да шириш радост. Ќе ги кажам уште еднаш – креативност пред калкулирање.

Остани слободен и ќе освоиш Светско првенство со Бразил.

Остани слободен и ќе освоиш Лига на шампиони, Ла Лига и Серија А.

Остани слободен и ќе ја освоиш Златната топка.

Тоа што ќе те направи најмногу горд е што со твоја помош и преку твојот стил ќе се промени фудбалот во Барселона. Кога ќе пристигнеш таму, Реал Мадрид ќе биде силата на шпанскиот фудбал. Но кога ќе го напуштиш клубот, децата ќе сонуваат за да го играат стилот на Барселона.

Слушни ме. Твојата улога во ова ќе биде многу повеќе од тоа што го правиш на терен.

Во Барселона ќе слушнеш за едно дете од младинскиот тим. Ќе носи дрес со број 10 како тебе. Тој е мал како тебе. Игра со топката како тебе. Ти и твоите соиграчи ќе гледате како игра во младиот тим на Барселона и во тој момент ќе знаеш дека ќе биде повеќе од голем фудбалер. Тоа дете е различно. Се вика Лео Меси.

Ќе им кажеш на тренерите да го донесат да игра со тебе за сениорите. Кога ќе дојде, играчите на Барселона ќе зборуваат за него, како што Бразилците зборуваат за тебе.

Сакам да му дадеш еден совет.

Кажи му “Играј со среќа. Играј слободно. Едноставно играј си со топката“.

Дури кога ќе те нема, слободниот стил ќе живее во Барселона преку Меси.

Многу работи ќе ти се случат во животот и добри и лоши. Но се што ќе се случи ќе му го должиш на фудбалот. Кога луѓето се сомневаат во твојот стил или зошто се смееш и кога ќе загубиш натпревар, сакам да помислиш на една меморија.

Кога татко ти ја напушти земјата, нема да имаш снимки од него. Твоето семејство нема многу пари, така што твоите родители не поседувале видео камера. Нема да можеш да го слушнеш гласот на татко ти или да го слушнеш како се смее.

Но има една работа што секогаш ќе те потсеќа на него. Тоа е сликата од него и тебе како заедно играте фудбал. Ти се смееш, среќен со топката во нозе. Тој е среќен што те гледа.

Кога ќе дојдат парите, притисокот и критиките, остани слободен.

Играј како што ти рече да играш.

Играј со топката

Роналдињо.

12 јануари 2017 - 14:01