
Левиот бек на Манчестер, Лук Шо денеска по втор пат ќе биде опериран во Ајндховен каде остана по тешката повреда на дуелот од Лигата на шампионите меѓу ПСВ и Манчестер Јунајтед.
Којзнае како ќе реагираат навивачите на Манчестер Јунајтед кога ќе ја прочитаат или слушнат изјавата на легендата Рој Кин за бруталниот старт на Хектор Морено кој му ја скрши ногата на Шо минатиот вторник.
Коментирајќи го првото коло од групната фаза во ЛШ за каналот ИТВ, помошниот тренер на ирската репрезентација го дефинираше тешкиот фаул како одличен старт, затоа што сакал остар фудбал. Кин додаде и дека самите фудбалери на теренот го помислиле тоа, а стартот бил сосема нормален дел од играта. Таквиот факт Кин го аргументира и со изборот на 27-годишниот Морено за играч на натпреварот.
„Луѓето што го избрале Мексиканецот за играч на мечот беа таму блиску, гледаа како игра и не се кријат зад фаулот. И онака кога се трча брзо, се случуваат инциденти. Изненаден сум што нема повеќе такви стартови на натпреварите“, ја шокираше јавноста Кин.
Освен Шо, со проблеми се соочувал и самиот Хектор Морено кој го посетил левиот бек во болницата, но добивал пораки со смртни закани од навивачите на Манчестер Јунајтед. Во меѓувреме, Лук Шо на својот Инстаграм профил им се заблагодари на докторите во болницата во Ајндховен.