Каде се, што прават?

Репрезентацијата на Турција која освои бронза на СП 2002

Најсилниот состав во историјата на турскиот фудбал пред 14 години се качи на светскиот подиум како трета репрезентација на Мундијалот одржан во Јужна Кореа и Јапонија. Каде се сега актерите на тој успех?

Во првиот меч на Турците им се потрефи да играат против светскиот вицешампион - Бразил. Хасан Шаш, еден од најдобрите играчи на Мундијалот го отвори резултатот во 47. минута од првиот дел.
 
На почетокот на второто полувреме Роналдо израмни, а Ривалдо од контроверзен пенал му донесе победа на Бразил во 87. минута по што Турците бурно реагираа и мечот го завршија со 9 играчи. Во второто коло, избраниците на Шенол Ѓунеш испуштија победа над Костарика (1:1), но резултатите од групата им одеа во прилог на Турците. Немотивираните Бразилци од шега ја совладаа Костарика со 5:2, а Турција без голем напор славеше против Кина со 3:0 и обезбеди пласман во следната фаза.
 

Хакан Шуќур и другарите стигнаа до полуфиналето без многу напор: Во осминафинале ја победија Јапонија со 1:0 (Умит Давала), а во четвртфиналето го одиграа фамозниот меч против Сенегал каде славеа со златниот гол на Илхан Манзис (подоцна копачките од кенгурска кожа ги продаде на аукција).

Во полуфиналето Турција повторно налета на Бразил и по голема борба не успеа да ги скроти неверојатните Кариоки со Карлос, Роналдо, Ривалдо, Кафу, Лусио, Денилсон. На почетокот на вториот дел, баш како и во групата Роналдо даде гол во 49. минута за конечни 1:0.

Турците играа во утешното финале каде го совладаа домаќинот Јужна Кореа со 3:2, а Хакан Шуќур на тој меч го постигна единствениот гол на турнирот и тоа гол кој влезе во Гинисовата книга на рекорди како најбрз во историјата на Светските првенства (после 11 секунди).

Рушту Речбер

Голманот кој се црташе на лицето пред секој меч на овој Мундијал имаше 29 години. Бранеше на 7 меча и прими 6 гола. Денес на 42 години работи како координатор на репрезентативните селекции на Турција.

Омер Четкич

Омер Чаткич, резеврниот голман имаше 27 години и бранеше на 1 натпревар на СП 2002. Сега со 41 година работи како телевизиски експерт и коментатор.

Емре Ашик

Одбранбениот фудбалер со 28 години одигра 2 натпревари на Мундијалот. Во моментов на 42 години е селектор на Турција У-21, селекцијата на играчи до 21 година.

Булент Коркмаз

Со 33 години беше еден од најискусните во последниот ред и човек од доверба на селекторот Ѓунеш. Одигра 6 меча како на стоперската позиција и постигна 1 гол. На 47 години до април годинава беше прв тренер на Мерсин.

Фатих Акел

 

Уште еден одбранбен играч кој најчесто играше како бек. Имаше 24 години и во тој момент беше еден од најбараните играчи во Европа. Одигра 7 натпревари, а сега 14 години по Мундијалот е прв тренер на турскиот третолигаш Ѓумушханеспор.

Алпај Оџалан

Алпај спаѓаше во редот на најсакани турски репрезентативци во турската јавност. Имаше 29 години, одигра пет меча во одбраната. Како 42-годишен сега е спортски директор на клубот Сиртспор.

Умит Озат

Левиот бек истрча на 2 натпревари, сосема доволно да остави одличен впечаток и голем придонес во освојување на бронзата. Имаше 25, а сега со 39 години е прв тренер на Мерсин.

Хакан Унсал

Играше по левата страна, настапи на 4 меча со 29 години на Мундијалот. Во моментов е претседател на Турската фудбалска федерација, а се појавува и како аналитичар во спортските емисии.

Окан Бурук

Одличниот играч за врска имаше 28 години, се појави на еден меч, но претходно во квалификациите за Мундијалот беше еден од најзабележителните. На 42 години до февруари годинава беше прв тренер на Сиваспор.

Тугај Керимоглу

31-годишниот Тугај беше прав лидер на средината од теренот. Одигра 7 меча и на сите 7 беше меѓу најдобрите. До април годинава беше главен тренер на Шанлурфаспор во втората турска лига. Има 45 години.

Јилдирај Баштурк

Со 23 години беше меѓу помладите репрезентативци. Одигра 7 меча како полушпиц и ги хранеше со топки напаѓачите. По настапите во Леверкузен остана да живее во Германија. На 37 години има агенција за недвижности во градот Бохум.

Мази Изет

27-годишниот Изет, необично беше попознат како играч во Премиер лигата отколку како турски репрезентативец. Одигра еден натпревар на Мундијалот. Денес на 41 година држи фудбалска академија заедно со поранешниот партнер од одбраната на Лестер, Стив Велш.

Тајфур Хавутчи

Тајфур имаше 32 години и одигра 3 меча на Мундијалот. Со 46 години сега е прв тренер на второлигашот Адана Демирспор.

Ерѓун Пенбе

Левиот офанзивен бек одигра 5 меча и беше стандарден на Мундијалот со 30 години. До јули 2013-та беше тренер на второлигашот Ѓиресунспор, а потоа стана аналитичар.

Емре Белозоглу

Со 21 година, Емре беше најмладиот во репрезентацијата. Одигра 6 меча и постигна 1 гол. Денес на 35 години уште игра за Истанбул Беледиеспор.

Умит Давала

Умит беше еден од најдобрите десни крила на Мундијалот. Со 28 години стана меѓу најбараните фудбалери, заинтересирани беа италијанските и англиските клубови. Одигра 7 меча и постигна 2 гола. Со 42 години беше помошник тренер во Галатасарај, а сега се занимава со тениски терени и игра тенис.

Ариф Ердем

Имаше 30 години и одигра 4 меча на Мундијалот. До април 2012 го тренираше Истанбул Беледиеспор, а сега работи како експерт.

Хакан Шуќур

Беше познат како „Бикот од Босфорот". Имаше 30 години и важеше за лидер на оваа славна генерација турски фудбалери. Народот преку него се поистоветуваше со фудбалот. На 44 години беше член на партијата на Ердоган, но излезе од неа со остри критики. Сега живее во САД од каде делува опозициски и го критикува режимот.

Хасан Шаш

25-годишниот Шаш беше избран во најдобриот тим на СП 2002 и тоа доволно говори колкави заслуги ова опасно брзо лево крило имаше во успехот на Турција. Одигра 6 средби и даде 2 гола. На 39 години беше помошник тренер во Галатасарај, а подоцна влезе во коментаторските води и работи како стручен аналитичар.

Нихат Кавечи

22-годишниот Нихат Кавеџи го комплетираше фантастичниот напад на Турција. Одигра 2 меча на СП 2002. До 2013-та година работеше како тренер на младинците на Виљареал, клуб во кој играше долго време во кариерата. Живее во Шпанија.

Илхан Манзис

Илхан имаше 26 години и беше прв стрелец на Турција на фамозното Светско првенство. На 7 меча постигна 3 голови. На 33 години се проба во уметничкото лизгање и минатата година стана државен шампион на Турција во парно фигурно лизгање.

Шенол Ѓунеш

Селектор и предводник на историскиот успех на Турција. Имаше 50 години кога освои бронза на Мундијалот. Сега со 64 години го водиш Бешикташ кој е на чекор од историска титула во турското првенство.