Религиозниот Бака се прослави на 29 години

Колумбиецот Карлос Бака е најзаслужен за вториот трофеј по ред на Севиља во Лигата на Европа. Професионалната кариера ја почна на 22 години. На континентот дојде многу подоцна од неговите сонародници, но во моментов е најбаран фудбалер.

Роден во Пуерто Колумбија во рибарско семејство, кое лови од утро до мрак, во Карлос Бака никој не гледал иден познат фудбалер. Работел и како контролор во градскиот превоз во неговиот крај. За разлика од неговите сонародници, тој подоцна ја напушта Колумбија и на 29 години е најбараниот фудбалер во моментов.

Со двата погодоци синоќа против Днипро во финалето, Колумбиецот допринесе Севиља да направи целосен пресврт и да стигне до пехарот.

Во Европа дојде на 25 години, а во Севиља е од 2013. година. Со тимот од Андалузија во две години освои два пехари во ЛЕ. Неговата цена изнесуваше 7 милиони евра, даде 7 голови минатата сезона во Лига Европа и 7 сезонава, од кои двата најважни синоќа во Варшава.

„Би сакал да се заблагодарам на Бог, на моето семејство, жената, децата и да им ја посветам победава. Тие се моето најголемо богатство и нив сакам да им го пружам најдоброто. Многу сум му должен на тренерот кој веруваше во мене“, изјави Бака кој често се моли на теренот и ги крева рацете кон небото.

Не е како Ибрахимовиќ и Балотели кои ги полнат насловните страни со скандали. На Карлос Бака Твитерот му е полн со благодарност до Бог и религиозни пораки. Мирен карактер, кој им создава немир на противниците.

Севиља е клуб кој секоја година ги продава најважните играчи. За Бака веќе загризаа големите европски клубови, меѓу кои најгласен е Милан. Сепак, пласманот во ЛШ обезбеден со триумфот во ЛЕ ги менува околностите во андалузискиот клуб. Во касата на Севиља ќе се слеат повеќе пари, а Бака ќе има поголем предизвик да остане во тимот. Летово го чека настап на Јужно-американскиот куп со неговата Колумбија.

Лична Карта: Карлос Бака.
Роден: Пуерто Колумбија на 8-ми септември 1986-та.
Кариера: Атлетико Јуниор (2006-2011, 130 настапи 73 гола), Баранквиља (27, 12), Минервен (29-12), Клуб Бриж (45, 28), Севиља (71, 34).
Репрезентација: Колумбија (29 настапи, 7 гола)

Првиот гол на Колумбиецот против Днипро:

Вториот гол на Бака по неверојатната асистенција на Рејес:

28 мај 2015 - 10:03