Со вечерашниот настап против Ливерпул, легендарниот голман ќе стане рекордер со 144 настапи во Лигата на шампионите. На топ 10 листата ќе се бркаат само со единствениот активен фудбалер, Чави со кој имаат иста бројка.
Неговата поврзаност со Лигата на шампиони почнува на 16 години, а му се случила како на секое дете кое би сакало школото да го замени со фудбал.
„Тоа беше 1997 година, а сега е 2014-та, значи тоа се 17 години? Уф, тоа се многу години, јас сум по малку носталгичен и сакам да гледам видеа и да листам списанија од минатото. Бодо Илгнер беше повреден, а Сантијаго Канизарес беше во прв тим, па им требав како трет голман. Можете да замислите, професорката вели да седам и да работам на час, а директорот на школото ми рече да одам во хотелот Барахас и да се подготвам за лет до Норвешка. Тој знаеше дека сум во младинскиот тим и беше навивач на Реал и секогаш кога ќе ме сретнеше ми зборуваше за таа тема.
„Дома ме однесоа со школски автобус, а мајка ми ме пакуваше во паника. Се пресоблеков набрзина и со мене ги земав костумот и јакната кои ми беа наменети за селекцијата на Шпанија за играчи до 16 години. Другите деца немаа појма зошто го напуштив часот. Тогаш немаше мобилни како сега, па одма да те сликаат. Во тимот играа Роберто Карлос, Кларенс Сидорф и Давид Шукер. Јас ги знаев, ама оние појма немаа кој сум. Во авион седев до Мориентес и Кањизарес и од голема стравопочит не кажав ниту збор. Тоа беше како да сум добил на лото.“, раскажува Касиљас.
Тој знаел дека нема да игра и дека склопот на околности со повредени голмани бил клучен што отпатувал во Розенборг на меч од Лигата на шампиони. Но по само две и пол години Реал Мадрид ја победи Валенсија со 3:0, а Касиљас стана најмладиот голман кој настапил на финале на европска сцена.
Две години по тој меч, следеше уште едно успешно финале за него во Глазгов кога Мадриѓаните славеа против Баер Леверкузен.
„Кога имаш два освоени пехари во Лига на шампиони на само 20 години, точно е дека се прашувш дали до крајот на кариерата ќе освоиш уште 5-6. Изгледа лесно, но не е. Тоа го покажува периодот од 2002 па до оваа година. За 12 години не успеавме да се пласираме ниту на едно финале. Луѓето престанаа да го ценат тоа дека е многу тешко да освојувате секоја година“, вели голманот на Реал.
Икер Касиљас има 693 настапи за Реал и 158 за Шпанија, а до сега има вкупно 20 освоени пехари. По Бекенбауер и Дешамп тој е третиот капитен кој успеал да ја освои Лигата на шампионите, Европското и Светското првенство.
Од противниците на терен обично прави колекција на дресови, а тоа ќе го направи и вечерва против Ливерпул.
„Имам дрес од Георге Хаџи, Лотар Матеус, Хулио Салинас, а на претходниот меч против Ливерпул му го земав дресот на Џерард, така што сега можеби ќе му го побарам на Балотели.
33 годишниот голман вели дека за Шпанија ќе брани барем до 2016 година, а за Реал се надева дека тоа ќе може да го прави до 40 години.