Реал Мадрид испрати рекламација за Бејл

Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез испрати писмо до Европскиот центар за заштита на потрошувачите во кое тој се жали оштетената роба која ја добил од Англија.

Британската канцеларија на мрежата на национални здруженија за заштита на правата на потрошувачите кои се под ингеренција на Европската комисија, примија писмо од седиштето на Реал Мадрид.

Во него, Флорентино Перез се жали дека купил роба со фелер, а за неа платил 85 милиони фунти.

„Скршен на неколку места, посебно во пределот на задната ложа, не го задоволува описот на производот од упатството за употреба и не е компатибилен со Кристијано Роналдо", стои во жалбата на Перез.

Не било прв пат како новиот сопственик на производот добива шкарт роба од Англија. На сличен начин тој веќе бил разочаран во 2004-та година од Мајкл Овен и Џонатан Вудгејт.

„Дури и сервисиран, Вудгејт се покажа како екстремно опасен за користење, создавајќи сериозна закана по здравјето и безбедноста на корисникот", стои во рекламацијата.

За крај, со молба за совет како да добијат отштета затоа што продавачот, извесен господин Леви, нема намера да ја прими робата назад и да им ги рефундира средствата, фрустрираниот Перез си ја отвори душата:

„За да ги обезбедам средствата за купување, им продадов технички супериорна германска машина на Арсенал за 50 милиони фунти, па се надевав дека ќе добијам продукт со подобар квалитет", пишува во урнебесната рекламација.

 

7 октомври 2013 - 08:57