Потпретседателот на ФИФА, Џефри Веб изјави дека СП не може да се одржи во Русија со вакво ниво на расизам во земјата. Веб кој е и претседател на комисијата за Анти-расизам во ФИФА, додаде дека одлуката на Русија да ѝ се даде организација на СП можеби е избрзана.
Во 2012. година навивачите на Локомотив Москва фрлија банана кон црномурестиот стопер на Анжи Махачкала, Кристофер Самба. Година дена подоцна, Јаја Туре ја разбрани јавноста со изјавите дека никаде и никогаш не бил така навредуван на расна основа како во Москва кога играше против ЦСКА. Кулминацијата стигна во октомври лани, кога Хулк се пожали дека навивачите на Спартак Москва извикувале мајмунски крици.
„Од наша гледна точка, Русија мора да почне сериозно да се бори против расизмот преку програми. Имаат три години до СП, период во кој мора да почнат со едукациски предавања“, изјави Џефри Веб за ЕСПН.
Во текот на вчерашниот ден се огласи и првиот човек на ФИФА, Сеп Блатер кој изјави дека кон рускиот фудбалски сојуз може да бидат применети санкции, доколку истиот не почне да ги решава проблемите со појава на расизмот на стадионите.
„Секако дека сме загрижени за проблемов. Потребна е едукативна програма за борба против расизмот и доколку оваа појава не исчезне, ќе треба да воведеме санкции. Расизмот не е проблем само во Русија, но тоа што од таму постојано доаѓаат проблеми на дневна основа, со тоа ќе треба да се избориме“, изјави Блатер а пренесе „Асошиејтед прес“.
Организацијата „Фудбалот против расизмот во Европа“ (FARE) го објави извештајот во кои ги опишува проблемите со ксенофобијата и расизмот во рускиот фудбал. Во извештајот се наведува дека најголем процент на расистички испади е забележан кај навивачите на Зенит, Динамо Москва, ЦСКА и Торпедо.
Хулиганите на Торпедо неодамна протестираа откако нивниот клуб сакаше да го ангажира Разван Мирзов, кој е роден во Кабардино-Балкарија во северен Кавказ. Извештајот набројува и бројни примери на употреба на нео-нацистички симболи, кои потекнуваат од германската наци идеологија и екстремниот нео-паганизам. На руските стадиони често се гледаат Келтски крстови и фашистички обележја.
СП во Русија ќе се игра на 12 стадиони во 11 градови од 8 јуни до 8 јули во 2018 година.