Рамзи, не давај голови веќе

Познатиот велшки фудбалер на Арсенал, Арон Рамзи постигна гол во саботата во ФА купот против Сандерленд и ја продолжи мистеријата која започна како црн хумор, дека после секој негов гол умира некоја позната личност.

Проклетството на Рамзи се повтори уште еднаш. Фудбалерот на Топџиите ни крив ни должен запаѓа во неволја која што му ја предизвика британскиот жолт печат. Овој пат после негов погодок (не постигнува многу често), на 69 години почина славниот Дејвид Боуви, од тумор кој му го открија пред една година.
 
Рамзи даде гол против Сандерленд во саботата, и на тој начин ја продолжи црната серија после секој негов гол светот да го напушти некоја славна личност. Оваа епизода англиските медиуми ја додаваат во серијата започната во 2011-та. Прв после негов гол беше Бин Ладен, потоа Стив Џобс, па Моамер Гадафи. Во 2012-та почина Витни Хјустон и англискиот печат тогаш сериозно почна да тера шега со проклетството на Рамзи.
 
На 11 февруари Рамзи даде гол против Сандерленд и утредента пеачката беше пронајдена мртва од предозирање во нејзиниот апартман. На 15-ти мај 2013-та, почина диктаторот и поранешен аргентински претседател, командант Хорхе Видела, кој почина 24 часа по голот на Рамзи против Виган. На 30-ти ноември 2013-та, навивачите на Арсенал се радуваа после голот на Рамзи против Кардиф, но следниот ден загина Пол Вокер, ѕвездата на серијалот Фаст енд Фјуриус кој загина во сообраќајна несреќа. На 10. август 2014-та Рамзи даде гол против Манчестер Сити а на 11. август беше пронајдено телото на Робин Вилијамс кој, како што покажа истрагата се самоубил.