Македонскиот клупски фудбал ретко кога имал прилика како Работнички вечерва да се бори за пласман во групната фаза на едно европско натпреварување. Пред Дебар маалци по ред паѓаа Флора, Јелгава и Трабзонспор, а последната препрека е Рубин Казан.
„Ние и пред првиот натпревар важевме за аутсајдери, а исто ќе биде и вечер. Сепак, покажавме дека може да се носиме и со квалитетни состави, а верувам дека така ќе биде и во реваншот. Пред нас е историска шанса да се пласираме во групите и очекувам да направиме сè што е во наша моќ да стигнеме до целта", нагласи тренерот Игор Ангеловски во обраќање за руските медиуми.
По суспензиите поради жолти картони во низа, во составот се враќаат капитенот Баже Илијоски и Душко Трајчевски. Домаќинот ќе игра без најдобриот играч Ѓокдениз Караденис, кој при постигнувањето на голот во Скопје доживеа потрос на мозок и сè уште не е спремен. Мечот ќе го суди судиска тројка од Турција на чело со Хусеин Гочек.
Покрај евентуален пласман во Лига Европа, Работнички вечерва ќе игра и за дополнително полнење на клупската каса. Црвено-белите досега од УЕФА инкасираа околу 860.000 евра: Во првото коло заработија 200.000 евра, во второто 210.000, во третото 220.000 и сега во плејофот 230.000 евра.
Во случај да направат чудо, Романтичарите само за влез во групната фаза ќе заработат 2,4 милиони евра. Покрај тоа, Работнички ќе заработи и дел од централизираните ТВ права кои подоцна се дели според големината на пазарот. Голем приход би требало да донесе и продажбата на влезници, како и бонусите од УЕФА за бодовите, 360.000 евра за победа и 120.000 за нерешено.