Работнички е клуб кој во последните години најдолго во летниот период се дружи со новинарите. Тоа е последица на одличните игри на Дебар-маалци кои од година во година не ја завршуваат сезоната во раната фаза од европските натпреварувања.
По одличните настапи против летонската Јелгава, Работнички се наоѓа пред најголемиот предизвик во последните неколку години. Во Скопје доаѓа турскиот гигант Трабзонспор, тим за кој играат Оскар Кардозо, Кевин Констант, Жозе Босингва...
„Сите добро знаете за каков клуб станува збор, но не мислам да излеземе на утрешниот натпревар и да бидеме само учесници. Од фудбалерите ќе барам да играат максимално ангажирано и на највисоко ниво. Нема да смениме ништо во нашиот стил на игра кој го користиме веќе две години. Колегите обично ја користат фразата на овој натпревар нема што да загубиме, но јас имам друга девиза а тоа е од овој натпревар може многу да добиеме", изјави тренерот на Романтичарите, Игор Ангеловски
Капитенот на тимот, Баже Илијоски беше еден од најдобрите поединци во првите две кола од квалификациите за ЛЕ. Тимот ќе го предводи и утре вечер.
„Само ќе се надоврзам на шефот. Стигнавме до 3. коло, знаеме против каков противник играме, но ве уверувам дека не сме исплашени. Ќе го дадеме максимумот и јас искрено се надевам на поволен резултат. Верувам во себе и во тимот дека можеме да изненадиме и на Трабзон нема да му биде лесно", додаде капитенот Баже Илијоски.
Северна и јужна се отворени за домашните навивачи, исток е предвиден за навивачите на Трабзонспор. Продажбата на влезници за источната трибина се одвива преку сајтот на турскиот тим и ќе трае до вечерва до 20:00. Од Работнички соопштија дека клубот до 12:00 часот продал околу 5.000 влезници за утрешниот дуел.