Кардинале имал состанок со Паоло Малдини и Рики Масара кој не завршил добро и кој бил клучен за разделбата.
На површина излегле проблеми за кои не можеле да најдат заеднички јазик, а главните мотиви се разликите во размислување во однос на трансфер политиката или поточно плановите за засилувања за следната сезона.
Наводно разговорот траел 35 минути. Кардинале им соопштил дека буџетот за трансфери за летово изнесува 50 милиони евра, но Малдини и Масара побарале повеќе со цел да можат да се носат со европските гиганти.
Пласманот во полуфиналето од Лигата на шампиони, како и обезбеденото учество за следната сезона изгледаа како гаранција за продолжување на соработката, но сепак ниту со тие успеси не успеале да ги стоплат односите.
🚨 AC Milan director Paolo Maldini will leave the club with immediate effect.
— Fabrizio Romano (@FabrizioRomano) June 5, 2023
It’s over after tense meeting today with club chairman Gerry Cardinale — due to different vision for the future of the club.
Co-director Ricky Massara is also set to leave AC Milan. pic.twitter.com/ayqVhzsRMZ
Веста за оваа неочекувана разделба која сигурно ќе ги разочара навивачите на Милан ја потврдуваат и најпознатите инсајдери Фабрицио Романо и Џанлука Ди Марцио, а Газета дело Спорт пишува дека фали уште да се официјализира.
Според најугледниот спортски весник во Италија, американскиот газда очигледно не е задоволен од резултатите оваа сезона со петто место, трансформирано во четврто само поради казната на Јувентус, како и од летните инвестиции Шарл Де Кетелаер и Дивок Ориги, кои не дале резултат на терен.
Малдини како симбол на Милан, направи кам бек во клубот летото 2018-та, девет години после пензионирањто. Најпрвин како директор за стратешки развој во спортскиот дел, а по оставката на Леонардо една година подоцна стана технички директор.
По комплицираните односи со извршниот директор Иван Газидис кој си замина, Малдини на 30 јуни 2022-та потпиша нов две годишен договор, кој му гарантираше целосна автономија во техничкиот дел, во рамките на буџетот утврден од сопствениците.
Но тоа ракување кое стигна после долго преговарање очигледно не било доволно и хемијата меѓу него и Кардинале никогаш не била целосна. Во ова сценарио е прекината и соработката со Масара како спортски директор, човек кој ги водеше преговорите за трансферите.
Тоа се всушност двајцата луѓе кои го изградија тимот кој го освои Скудетото ланската сезона, прво на Милан по пауза од 11 години.
🤔
— Rafael Leão (@RafaeLeao7) June 5, 2023
Италијанските медиуми пишуваат дека отпуштањето на двајцата директори веќе влијае кај играчите. Рафаел Леао кој потпиша нов пет годишен договор има реакција на Твитер, а во прашање може да биде иднината на Тео Хернандез и Мајк Мењан.
Што се однесува до Стефано Пиоли тој останува на кормилото бидејќи отсекогаш ја имал довербата и добивал јавна благодарност од Кардинале.
Газета пишува дека сега треба детално да се дефинира реорганизацијата во клубот и дека логично е да се замисли дека Пиоли би имал поголема моќ за одлуки на пазарот.
На крајот на месец мај, италијанскиот стратег изјави:
„Ако сакаме да бидеме конкурентни за да го освоиме првенството и да стигнеме до полуфиналето на Лигата на шампионите, јасно е дека тимот треба да се засили“.