Пукај Бенатија пукај

Раководството на Баерн Минхен го опоменало Мароканецот да престане да ги слави головите со имитирање на пукање од митралез и тој ги послуша уште во првото коло.

Беше феноменален напаѓач, но Батистута во Италија остана запаметен и по необичната прослава на головите. Митралезот со кој со години ги славеше погодоците во Фиренца и Рим го сврте вниманието на јавноста кон Батигол. Се бунеа и неколку невладини организации во Италија за Аргентинецот да го смени начинот на прослава.
 
Батистута во првата година со Рома ја освои титулата и навивачите се воодушевуваа од таквата прослава на головите. По него во Рома заигра Бенатија кој на Олимпико ги славеше головите со истиот митралез со рацете. Сепак, сега Мароканецот ќе мора да заборави на митралезот.
„Почнав да ги славам така головите кога бев во Рома. Се чувствував добро и ги славев така во продолжение“, вели Мехди Бенатија за Минхенер Меркур.
Во Германија сепак гестот не е баш добро прифатен. По неговиот прв гол за Баерн Минхен на 13 декември лани против Аугзбург, Мехди повторно распали од митралез, по што наидоа остри критики од управата.
„Славев така со пукање и управата побара од мене да престанам со тоа. Се согласив и прифатив дека со тоа некој можеби навредувам“, додава одличниот стопер кој полека се навикна на Германија.
Баерн Минхен минатиот викенд ја отвори сезоната со убедлива победа против Хамбург во првото коло, а првиот гол постигна и Бенатија кој само го гушна асистентот Чаби Алонсо.
„Сакам да бидам јасен дека мојот гест не беше некаква политичка или воена порака. Во никој случај. Со таквата прослава сакав само да порачам дека ќе давам многу голови, бум бум бум бум бум“, констатира Мароканецот во дресот на Баерн.