ПСЖ им се намерачи на рекордите

По сè изгледа ПСЖ сезонава ќе ја преправи историјата на францускиот фудбал и ќе постави неколку рекорди стари и по 20-30 години.

Со големото бегство од ривалите на почетокот на сезоната, Парижаните не им дозволија на другите екипи ниту да помислат на титулата. Се одиграа 23 кола од вкупно 38, а црвено-сините му бегаат на најблискиот пратител цели 24 поени.
 
Разликата меѓу фантастичниот ПСЖ и беспомошните прогонувачи се гледа и во тоа што на второто место досега се менуваа 8 екипи (Реим, Бастија, Лион, Рен, Сент Етјен, Анжер, Монако, Каен).
 
Меѓу првите пет клубови од ТОП 5 лигите, ПСЖ и натаму е единствен непоразен. Покрај тоа, „Светците“ одат кон повторување на минатогодишната сезона кога ги освоија сите три трофеи (Лига 1, Францускиот Куп и Лига Куп). Во 23. коло минатиот викенд против Сент Етјен, Парижаните повторија една од најуспешните серии, поставена пред 21 година во сезоната 1994/95 кога Нант поставил рекорд по бројот на мечеви без пораз - 32.
 
ПСЖ вечерва ќе има шанса да постави нов рекорд и да го фрли Нант во заборав, затоа што во 24. коло на Паркот на Принцовите доаѓа Лориен и со евентуална победа, Ибра и другарите ќе постават нов рекорд.

Неодамна, ПСЖ постави нов клупски рекорд во серијата на победи. Со триумфот над Тулуз (2:0) во Лига Купот, Парижаните стигнаа до 12 победи по ред во сите натпреварувања и сега веруваат дека серијата би можела да дојде до 13 и повеќе.
 
Во декемви минатата година, ПСЖ имаше најдобра одбрана во групната фаза од ЛШ и постави рекорд со само 1 примен гол. Во октомври, Златан Ибрахимовиќ стана најдобар стрелец во историјата на клубот со 120 голови (дојде во 2012-та) и го мина Педро Паулета кој имаше 109 гола.
 
Само три клубови во Франција успеаа да му земат бодови на ПСЖ сезонава. По Реим и Бордо, Анжи стана третиот тим од Лига 1 што им зема по бод.
 
Последен пат тимот на Блан го напушти теренот без постигнат гол на 1-ви март 2015. година против Монако. На тој начин го израмнија рекордот кога од март до декември 2013-та година даваа гол на 26. кола по ред.
 
Покрај тоа, ПСЖ се запиша во историјата и по ефикасноста во првата полусезона од Лига 1. По 19 кола ПСЖ освои 51 бод и даде исто толку голови. Таков исход имаше страшната генерација на Лион во сезоната 2006/07.
 
Што брка ПСЖ до крајот на сезоната?
 
Најмногу собрани бодови: 89 (ПСЖ 2013/2014)
Најмногу победи во една сезона: 27 (ПСЖ 2013/2014)
Серија на победи во една сезона: 12 (Сент Етјен 1969/70, Марсеј 1971/72 и 2008/09, Лион 2005/06 и 2006/07, ПСЖ 2012/13 и 2013/14).
Најголема разлика со вториот: 17 бода (Лион 2006/2007)
Најдобра гол разлика: +63 (Реим во 1956/57)
Најдобра одбрана: 11 меча без примен гол (1988/89)
Најмалку примени голови: 21 (Марсеј 1991/1992)
Најмалку порази во една сезона: 1 (Нант 1994/1995)
 
Успехот на ПСЖ против Сент Етјен беше 11 по ред на гости сезонава. На 13 гостински меча, Парижаните загубија само 4 бода (2 нерешени против Реим и Анже). По оптимистичко сценарио, ПСЖ на 7. февруари ќе може да го постави рекордот против најголемиот ривал Марсеј на Велодром.