Ќе ви претставиме тројца познати фудбалски имиња кои очигледно во Италија имаат можност повеќе да играат фудбал на тренинзите, отколку на натпреварите. Двајца од нив се во залезот од нивната кариера и имаат по 34 години, а третиот има 25, но и покрај тоа што е во зенитот на својата кариера не му ја видовме ниту сенката.
И ете почнуваме токму од него, Николас Бентнер, напаѓачот на Јувентус кој по 7 годишниот престој во Премиер лигата, се очекуваше да биде одлично освежување за нападот на „Старата Дама", сигурно дека ќе конкурира за најголемо промашување на сезоната во Италија.
Во Торино минатото лето дојде како позајмен играч, но не успеа на фан шопот на Јуве да му донесе ниту едно евро. Во домашното првенство има само 8 настапи без постигнат гол, а во стартниот состав дебитираше 2 месеци по започнувањето на сезоната.
Во декември минатата година беше во старните 11 и во Купот на Италија на мечот против Каљари, но настапот му беше малорозен затоа што заработи повреда која го оддалечи од терените 2 месеци.
Данскиот репрезентативец не е омилен ниту во својата земја каде пред еден месец заработи 6 месечна суспензија од данската федерација откако беше уапсен за возење во алкохолизирана состојба. Згора на се, не го видовме ниту на пријателскиот дуел на „Филип Втори" пред два месеци на кој Данска беше поразена од Македонија со 3:0.
Вториот несреќник во Италија кој му прави друштво на клупата е Николас Ањелка. Францускиот напаѓач кој се прошета во пола Европа, а потоа направи трансфер и во Кина, очигледно дека на чизмата е дојден на екскурзија.
На Јувентус му се приклучи во јануарскиот преоден рок, но служи како декор. Дебитираше на натпреварот против Селтик во рамките од Лигата на шампионите, а од тогаш ни трага ни глас од него.
Неговиот врсник кој пред два месеци му се приклучи на Лацио е Луис Саха. Со оглед на 5 годишното искуство од „Олд Трафорд" од ветеранот се очекуваше барем по некое голче, но очигледно дека сонародникот на Ањелка заборавил да игра фудбал. Има само 3 настапи во Серија А, а во првиот состав дебитираше минатиот викенд против Катанија.
Пример на овие момци кои делуваат како изгубени во популарниот италијански шампионат е предводникот во нападот на Лацио, Мирослав Клосе кој уште на стартот им стана миленик на навивачите.
Во ланската прва негова сезона во Рим беше најдобар стрелец во тимот со 13 гола, а оваа година поради двомесечната пауза одигра 19 средби и повторно е лидер во тимот со 10 гола. Германскиот напаѓач и покрај златните мигови од неговата кариера минати во Бундес лигата, со 34 години докажа дека се уште можело да се полнат мрежите.