Атлетико Мадрид вечерва против Челси ќе го игра првиот меч од осминафиналето во Лига на шампиони. Откако Томас Тухел седна на клупата, тимот од Лондон 7 меча по ред не знае за пораз.
„Јорганџиите“ во минатото секогаш знаеа да се справат со болните порази, како оние два по ред во финале на ЛШ и тоа од градскиот ривал Реал Мадрид, а така е и сега кога во првенството забележаа неколку слаби резултати, па Реал им се приближи на табелата.
Чоло Симеоне бира војници кои можат да се носат со емоциите и притисокот и кои физички ќе се борат до крај. Луис Суарез дојде минатото лето од Барселона и веќе има 16 гола во Ла Лига.
Одбраната прими само 16 гола на 23 меча и тоа е најдобар учинок во Примера. Еден од најзаслужните за тоа е и стоперот Фелипе.
Овој играч поминал многу интересен фудбалски пат: од тоа да го напушти фудбалот на 18-19 години во време кога Луис Суарез решеташе во дресот на Ајакс во Лига на шампиони, до тоа да биде негов соиграч со кои ќе ловат трофеи.
Кога наполнил 18 години во родниот Бразил, мислел дека нема да го оствари сонот да стане фудбалер. Почнал и да работи за да заработи некоја пара.
Работел кај мајката на девојка му и разнесувал печурки по ресторани и кафулиња, а паралелно играл аматерски фудбал во Сао Пауло. Не ни помислувал на Лига на шампиони во Европа додека трчал по балоните за фудбал со вештачка трева.
„Добивав по 50 реаи (500 денари) за секој натпревар. Кога ќе наполниш 18 години и работите не одат, почнуваш да сомневаш дека тоа нема да се смени. И покрај тоа, играв во четврта лига од Кампеонато Паулиста за тимот Униао Моги.
Еднаш другар ми Бруно ми даде идеја да снимам ДВД со моите најдобри потези. Морам да му се заблагодарам на другар ми и на татко му Итаир што ми помогнаа да стигнам кај што стигнав“, раскажува Фелипе.
Другар му Бруно играл во истиот тим, во нападот и од „прва раа“ знаел колку талентиран стопер е Бруно, па го охрабрил да сними 10-минутно видео со дуели, стартови, антиципација, долги додавања.
Татко му на Бруно имал пријател кој имал контакто си разни клубови.
„Се запознав со тој човек, му го дадов ДВД-то а тој ми рече: „Оди дома и чекај да ти се јавам“. Ми се јави дури после два месеци. Јас во тоа време тренирав и сам да останам во форма“.
ДВД-то поминало низ неколку раце и на крај стигнало во еден второлигаш.
„Моето ДВД дошло и до Брагантино па сум му се допаднал на тренерот Марсело Веига. Тоа беше моја најголема шанса да го остварам сонот и ја прифатив (шансата)“.
Фелипе во 2011-та потпишал договор со Брагатино, па после 33 сјајни настапи добил повик од гигантот Коринтијанс за само неколку месеци.
Не добивал многу шанси во трофејниот клуб, ама во декември 2012-та го викнале во составот кој патувал на Светското клупско првенство како шампион на Јужна Америка. Коринтијанс тогаш стана еден од ретките претставници на континентот кој го совладал европскиот првак (1:0) за голема титула светски клупски шампион.
Фелипе и натаму бил резерва, ама се се сменило кога актуелниот селектор на Бразил, Тите, се вратил во Коринтијанс во 2015-та. Младиот и снажен стопер го воодушевил стариот тренер пред сезоната и Тите му дал шанса да биде стандарден првотимец.
Фелипе во само пар месеци се развил во еден од најдобрите одбранбени играчи во лигата Бразилеирао која Коринтијанс ја освоил таа сезона.
СЛЕДНА ДЕСТИНАЦИЈА ПОРТУГАЛИЈА
Како главна база за најголемите таленти од Бразил, Порто не чекал многу и во 2016-та година го купил Фелипе.
Стоперот брзо се навинал на средината затоа што менталитетот и начинот на живот во Португалија е сличен како во Бразил. Во мај 2019-та Атлетико Мадрид за него понудил 20 милиони евра и Фелипе пристигна на „Ванда Метрополитано“.
Од тој момент до денес е еден од главните војници во „бандата“ на Чоло Симеоне. Не ни можел да замисли што ќе се случело да не го прател ДВД-то по третолигашки клубови.