Приказната за Марио Жардел, голманската ноќна мора

За два пати да освоиш Златна копачка, да постигнеш 345 првенствени голови, да те сакаат како идол и после се да завршиш во сенка треба да имаш голема причина. Бразилецот крена бело знаме во борбата против депресијата, кокаинот и алкохолот.

Страшниот талент кој го поседувал уште во детството го забележале во Васко да Гама, славниот бразилски клуб. Слично како и многу негови соиграчи од Бразил, на пат до тренинг често се шверцувал по локалните камиони.
 
Стигна до првиот тим на Васко, а потоа замина на позајмица во Гремио каде решеташе на секој натпревар. Од слободен удар, со глава, со лева, со десна, Жардел беше енигма за противничките голмани. Како што обично следува, интерес за него покажале Бенфика и Глазгов Ренџерс, но Жардел на крајот се одлучува за Порто. 

За четири години во португалската лига, високиот центарфор постигна 130 голови на 125 натпревари. Доби Златна копачка за најдобар стрелец во сезоната 1998/1999 како фудбалер на Порто, а потоа истата награда ја крена и како играч на Спортинг Лисабон во сезоната 2000/2001.
 
Во меѓувреме до лудило ги доведуваше голманите во Турција. За Галатасарај постигна 22 гола на 24 меча од кои два во европскиот Супер куп и триумфот против Реал Мадрид на 25. август 2000 година. Навивачите на Галатасарај го сметаат за клупска легенда, го нарекоа Супер Марио, но Бразилецот замина од Истанбул после само 12 месеци:
„Ме прашувате зошто си отидов? Тој одговор со години, со денови и со ноќи не можам да го најдам. Длабоко жалам за одлуката да заминам. Сите беа задоволни, и навивачите и претседателот и соиграчите и јас и управата. Но, во тие моменти имав некои проблеми со агентите и менаџерите и веќе ништо не ми беше јасно“, изјави Жардел неколку години откако ја напушти Турција.

И покрај одличната сезона во Спортинг и освојување на Златната копачка, Жардел не се најде на списокот на селекторот на Бразил Сколари за Светското во Јужна Кореја и Јапонија. Тоа го разочара до таа мера што во татковината често се опивал, се навлекол на кокаин а подоцна и се развел.
„Се почна со лошо друштво, потоа дојде и разводот, депресијата, алкохолот. Конзумирав кокаин и тоа често го има во фудбалот. Во моментите кога ми беше најтешко дрогата и алкохолот ми изгледаа како најдобар излез за се. Сега кога ми е тешко, утехата ја барам во Бог“, изјави неодамна Жардел.
 
Доживеа и бизарна повреда на коленото, кога под дејство на алкохол се лизнал на базен. Следуваше сложена операција на лигаментите, по што Жардел долго се опоравуваше и никогаш веќе не беше стариот добар Марио.
„Животот во последните 10 години ми пропаѓаше од ден на ден. Човек кога паѓа, паѓа. Ако не е лесен, тогаш вртлогот лесно ќе го однесе. Долго се борев да се вратам во нормала. Еднаш неделно одам на психијатар, медитирам, пливам, одам во црква. Давам се од себе и верувам дека ќе успеам“, констатираше Жардел.
 
Колку беше голем во Португалија сведочи и податокот дека идол на Кристијано Роналдо во младоста му бил токму Марио Жардел. Од 2003. до 2010. смени вкупно 14 клубови а богатата кариера ја заврши во Саудиска Арабија.