
Вердер Бремен морал да сврти нова страна од клупската историја во 1995-та година кога заминал тренерот Ото Рехагел (оној кој како селектор и донесе на Грција чудесна титула Европски шампион во 2004-та).
Рехагел после цели 15 години го напуштил Вердер, клуб со кој во 1993-та ја освоил Бундеслигата и Суперкупот на Германија, во 1994-та Купот, а во 1995-та завршил втор.
После легендата Рехагел на клупа седнал Адриан де Мос кој дошол од ПСВ но завршил на 9-то место. Следувал Ханс-Јирген Дернер тренер од младинците но и тој не се прославил, завршил на осмо место.
Управата подоцна му дала шанса на тренерот Волфганг Зидке кој во ’80-те години играл пет години за Вердер а во ’97-ма бил помошник. Токму благодарение на Зидке ќе стигнеме до јунакот на приказнава - Аилтон.
Пред да дојде во Германија, Аилтон играл за бразилските клубови Илиранга, Моги Мирим, Санта Круз, Гуарани и Интернасионал. За уште тогаш дебелкиот Бразилец тренерот Зидке им се качил на глава на шефовите во Вердер. Особено на Вили Леке, човек кој повеќе од 20 години раководел со финансиите на клубот.
Лемке полетал еднаш за Бразил на преговори со клубот Гуарани и со себе го земал извршниот директор Јирген Борн кој знаел португалски. Во сезоната 1996/1997 Аилтон давал гол на секој втор меч па клубот логично ја кренал цената. Прво не сакале да слушнат за продажба.
Кога Лемке и Борн ги пакувале куферите да си одат дома, шефовите на Гуарани се вратиле кај нив и им рекле дека има простор да се договорат. Кажале сума која Вердер ја немал. А и ризик било да се потроши толку пари на 25-годишен анонимен центарфор.
Вили Лемке се сеќава дека Аилтон бил главна и најголема цел на тренерот па затоа одржувал контакт со клубот Гуарани и само чекал кога ќе спуштат цена. Секој месец се слушал со Бразилците и така било до зимата 1998-ма. На почеток на новата година го шокирала веста „Аилтон е веќе во Мексико и договорил трансфер со Тигрес“.
Финансовиот директор на Вердер Бремен тогаш барал контакт во Мексико со цел да го сврти Аилтон во Германија и на крај некако успеал. Зделката делувала матно.
Весникот Der Spiegel отворил истрага и дознал дека за преминот на Аилтон се платени рекордни 5 милиони марки во тоа време а уште 120.000 евра му се дадени на посредник во Мексико. Според новинарите, во Мексико отишле многу „црни пари“. Даночната полиција отворила случај но ништо не докажале.
Патот од Монтереј во Мексико до Бремен траел 20 часа. Лемке не знаел ниту збор португалски а Бразилецот појма немал да гукне германски ниту англиски.
„Научи само да го кажува зборот Вердер. Го повторивме 50 пати на летот, ништо друго не се разбравме“, рекол Лемке за одисејата кога го носел Бразилецот од Мексико во Бремен.
АИЛТОН СТРАДАЛ ВО ГЕРМАНИЈА, ЖИВЕЕЛ ВО ХОТЕЛ, ЈАДЕЛ САМО ПАСТА
Во авионот до Бремен левоногиот опасен техничар џвакал гумени бомбони и мечтаел за славна европска кариера во силно првенство. Но набрзо се смрзнал кога излегол од аеродромот. „Таму беше зима 10 месеци од 12“, раскажал подоцна Аилтон.
Тренерот Зидка конечно го добил саканиот фудбалер но дури после една година. Аилтон веднаш добил шанса. Трансферот бил објавен на 10-ти октомври а веќе на 13-ти октомври Браизлецот бил стартер со Фрајбург и постигнал гол во 45’ минута. Но при резултат 0-3. Се изморил и на полувреме бил сменет со Јенс Тод.
Поради слаби резултати тренерот Зидке набрзо добил отказ а Аилтон немал речиси никој близок крај себе во сивиот и студен Бремен. Само недела откако дошол во Германија останал без тренерот кој го посакувал.
За нов предвдоник на Вердер бил поставен Феликс Магат, човек кој ниту еден фудбалер не го сака поради жестоката челична дисциплина и пеколните физички тренинзи. Замислете го тоа за веселиот и буцкаст Бразилец кој штотуку дошол од топла плажа.
Аилтон не добил стан уште. Изнајмил хотелска соба и скоро еден месец јадел само тестенини зошто не знаел како да нарача нешто друго од менито.
„Доаѓаш во туѓа земја, не разбираш ни збор, мрзнеш. А не те викаат ни во тимот за гостински меч. Може само да умреш“, се сеќавал подоцна Бразиелцот.
Не му одело ни со саканиот број на дресот. После неколку години неговиот број 32 на зелено-портокаловиот дрес стана култен за навивачите на Вердер Бремен кои прво биле огорчени поради тој неконвенционален број.
„Ја барав 11-та, ми рекоа зафатена е. Добро дајте ми деветка. Зафатена! А 10-ка? Исто! Аман де, дајте ми тогаш 32-ка“!
Феликс Магат не бил задоволен од килажата на Аилтон. До крајот на сезоната само четири пати го пуштил во игра како стартер, а најчесто отсуствувал поради повреда или суспензија поради картони. Магат бил фрустриран со односот на Аилтон и на управата и рекол дека не му треба таков играч.
Поранешниот тренер Лемке се сеќава: „Магат еднаш кажа: ’Дебелиов мора да си оди! А јас му одговорив: ’Заборави на тоа, Феликс! Никогаш во кариера не сум се борел толку за еден играч. Само дај му време’.
Феликс Магат поради слаби резултати наскоро добил отказ а на негово место на клупата седна добро Томас Шаф кој целиот свој живот го поминал во Вердер и не сакал да оди ниту на позајмици како играч.
По крајот на кариерата Томас Шаф станал тренер на вториот тим Вердер II. Ни нему не му се допаднал Бразилецот, неговиот однос и килажа и барал од управата да го продаде и да ги вложи парите во друг нов играч.
Вердер Бремен пробал да го врати Аилтон дома, но Ботафого не сакал да плати толку пари, а центарфорот го фатило инает, пројавил карактер и посакал да остане во Бремен.
На почетокот на сезоната 1999/2000 тој дури не бил ни резерва на клупа. Еднаш се случило првиот шпиц, Србинот Раде Богдановиќ (да, оној кој сега е забавен стручен коментатор на РТС) да се повреди па во 15’ минута влегол Аилтон од клупата. Постигнал два гола и му асистирал одлично два пати на Клаудио Пизаро (го паметите врвниот Перуанец).
И му тргнало!
Се испоставило дека на Аилтон наеднаш му „кликнала“ Бундеслига а тренерот Томас Шаф сфатил дека главна преокупација на Бразилецот му била вкусна храна. Што подобро јадел, повеќе голови давал. Чудно но вистинито. Кога биле строги со неговата килажа, тој паѓал во ритам.
„Тој е некој кој секогаш треба да се забавува. Кога се чувствува добро му се гледа зошто многу се смее. Чесен е и пристоен дечко кој многу сака фудбал. Истовремено не мисли само на себе“, рекол тренерот Шаф.
По доаѓањето на Шаф имал 12 гола и 9 асистенции на 29 меча па Аилтон еднаш рекол дека „Томас е неговиот германски татко“.
ШАФ ЛИЧНО МУ НОСЕЛ ХАМБУРГЕРИ
После пар сезони Аилтон од прогнаник станал миленик. Херој околу кого се градел врвен тим кој ќе стане дури и шампион!
Неколку работи придонесоа Вердер да стане неверојатна екипа: Аилтон сакаше да продира што подлабоко во противничка одбрана, сакаше да дрибла и повеќе да има топка во нозе. Покрај него постојано имаше друг одличен напаѓач: Иван Класниќ или Ангелос Харистеас. Во средниот ред секогаш беа осигурачите Франк Бауман, Фабиан Ернст и Кристијан Листеш кои работа макотрпно и имаа задача да освојат топка и да ја подадат напред кај магичната тројка Аилтон-Класниќ-Мику.
Подоцна во Вердер оваа традиција ја продолжија Диего, Озил и Де Брујне. Французинот Јохан Мику беше играч кого Тони Крос го нарече негов најомилен фудбалер во детството.
Во сезоната 2003/2004 Вердер Бремен бил прв на табела после 16 кола. Имале серија од 15 меча без пораз и на крај од сезоната заслужено и сензационално станаа шампиони! Освоија дури и двојна круна откако го кренаа и пехарот во Купот на Германија.
Рецепт за успех била хемијата во екипата. Биле блиски на и надвор од теренот.
Пред домашните натпревари тренерот Томас Шаф ја собирал екипата во хотел. Така било и пред еден меч со Волфсбург. Со него една вечер бил и клупскиот готвач. Причина за ова било што Аилтон на полноќ им се јавил на готвачите во кујна и им рекол: „Направете ми огромен хамбургер, само ништо не му кажувајте на тренерот“.
После половина час на вратата од собата на Аилтон се појавиле тренерот Шаф и куварот. Тренерот му го дал големиот хамбургер и му рекол: „Од тебе утре очекувам два гола“.
Вердер го растурил Волфсбург 5:3 а Аилтон постигнал два гола уште до 21’ минута. Интересно, на пет меча пред кои на полноќ јадел хамбургер, дал осум гола таа сезона. Ова во еден подкаст го раскажал тогашниот извршен директор на Вердер Бремен Јирген Борн.
Покрај тоа што јадел многу, тој редовно и доцнел на собирите. Посебна песна му биле доцнењата. Никогаш на тренинг не дошол точно на време. А не ни смислувал оправдание за лек за тетка му или на забар дека требал да оди.
Во 2002-ра година совеста почнала да му работи па така еднаш брзински викнал такси дури до островот Норденаи каде екипата била во тренинг камп. Ова го чинело 750 евра! (во однос на платите во тоа време била огромна сума).
„О да, тоа е легендарна историја. За жал не и единствена. Плаќаше редовно казни за доцнење. Дали ми беше тешко со него? Да, но и него со мене исто. Кога сите работеа со топка, тој трчаше кругови“, се сеќава тренерот Шаф низ смеа.
Навивачите го обожавале Аилтон и во екипата ретко кој му замерувал за тоа. Неговиот одговор бил таму каде што е најважно: на терен каде давал многу голови.
„Секако на почеток беше проблематично. Тони (Аилтон го викале така нагалено) доаѓаше од совршено друг свет, не знаеше за концентрацијата на фудбалот во Германија. Имаше сосема друг пристап. Моравме тоа да го разбереме. Му објаснивме дека овде се работи во хармонија. Јас зборував дека не секогаш мора да го казнуваме играчот“, рекол тренерот кој направи шампионски тим.
Аилтон често со новинарите мешал германски и португалски и им бил прав хит во текстовите. Никој ништо не го разбирал.
„Концентрација на фудбал! Без секс! Без бум! Оргазам е кога ќе дадам гол. Гол! Бум-бум! Аилтон се враќа“, им викал Бразилецот.
Еднаш го прашале како толку многу ја кренал формата, а тој одговорил не само со тренинзите на Шаф туку и во секојдневниот секс со жена му.
Во родниот Бразил го игнорираа за репрезентацијата. Еднаш Катар му понудил 1,5 милиони евра да игра за нив како натурализиран играч, а во последен момент се вмешала ФИФА со логично прашање: дали има макар минимална врска Аилтон со Катар?
БРАЗИЛЕЦОТ НЕ МОЖЕЛ ДА ПОВЕРУВА ДЕКА ПОСЛЕ СÈ ПОТПИШАЛ СО ШАЛКЕ
Идеалната сезоната 2003/2004 со златни букви е запишана во Вердер Бремен кој стана шампион и го шокираше фудбалскиот свет. Очекувано како што секогаш бива, Баерн Минхен веднаш ги пуштил пипците за најдобриот играч на најголемиот конкурент тогаш. По секоја цена го сакале дебелиот, мрзлив и генијален техничар.
Но Аилтон паралелно многу сакал и богати договори со клубовите. Секој гол го прославувал така што и купувал скапоцени украси на жена му а за два гола купувал уште повеќе. Многу пари трошел во скапи ресторани и на облека.
Договорот со Вердер Бремен му завршил по шампионската сезона. Кога сите мислеле дека Бразилецот ужива во Бремен и дека нема шанса да останат без него, се појавил Шалке кој му понудил двојно поголема плата. Аилтон Да Силва за само три дена им одговорил дека прифаќа. Емотивниот Бразилец бил буквално заведен од скапиот договор. А за три дена не можел да размисли што направил.
„Многу плачев таа сезона. Дома плачев, во кревет, во тоалет... Се прашував пак и пак: „Зошто Шалке!? Зошто го направив тоа?“
Тој трансфер бил болен и за навивачите но и за тренерот на Вердер Бремен Томас Шаф.
„Ох, тоа беше бомба. Големо разочарување. Не мислев дека е можно такво нешто. Но секој има право да оди по својот пат. За Аилтон и Шалке имаше голема можност. Тој има големо срце, окружен е од многу луѓе и се грижи за нив“, рекол Шаф филозофски иако му било тешко што го губи најдобриот играч во Бундеслига.
Договорот со Шалке бил постигнат уште пред прослава на историската титула во Бремен па новинарите мислеле дека тој на терен плаче од радост, но тој плачел од друга причина: „Мислев на брат ми кој почина пред почеток на сезонава. Сите овие победи му ги посветувам нему“.
Аилтон со Вердер Бремен освои двојна круна, стан анајдобаср стрелец (28 гола) и стана прв странец во историјата кој ја добил наградата за најдобар фудбалер во Бундеслига.
„Трансферот се случи така брзо. После еден меч се сретнав со Рудолф Асауер (директор на Шалке). Тој дојде со цел: Аилтон мора да потпише договор со Шалке. Тоа на некој начин беше грабнување“!, се сеќава бразилскиот ас. „Три дена мислев на тоа, зборував со семејството, со менаџерот. И решив - да! Денес не би мислел три дена туку најмалку месец. Можно е да згрешив“.
Подоцна во разни интервјуа и гостувања по емисии, Аилтон признавал: „Ако останев во Бремен ние можеби ќе освоевме уште една титула а јас пак ќе станев најдобар стрелец. Но се испостави дека сум еден од многуте играчи кои донеле одлука многу брзо и погрешиле“.
Интересно, средбата меѓу Аилтон и директорот на тогаш богатиот Шалке Асауер се случила уште во октомври 2003-та, веднаш после мечот со Волфсбург и оние два гола по фамозниот хамбургер. Многу пред крајот на сезоната.
Вердер Бремен имал право да го оспори договорот на суд. Еден од директорите во клубот, Манфред Милер сметал: „Прво, договорот не соодветствува со правилата на германската лига. Второ таму се било на германски а Аилтон просто не знаеше толку добро германски“.
Вердер му дал две недели на Бразилецот да размисли: дали сака да остане и правно да го урнат договорот или да замине. Аилтон зборувал дека плачел но на крај не дал одговор и молкот значел само едно.
„Дали пробав да го раскинам договорот? Лично јас не но проба мојот агент. Тој зборуваше со Асауер и му предложи друг Бразилец за јас да останам во Бремен. А тој ладно му одговорил: „Ние овде во Германија го почитуваме ракувањето“. После тоа и јас реков, во право е човекот летово одам во Шалке“.
Но после два месеци пак се предомислил и побарал од клубот ако може да направи нешто. Но Бременците веќе се помириле со загубата на својот најдобар стрелец и веќе сработеле други варијанти: се договарале со Мирослав Клосе тогашниот центарфор на Кајзерслаутерн кој стана најдобар стрелец во историјата на светските првенства.
Шалке му ја зголемил платата од 1,9 до 4 милиони евра што не е воопшто малку.
Во 2004-та година Аилтон рекол: „Фудбалот е прекрасен да, но семејството е приоритет. Имам две деца, татко сум и должен сум да го помагам семејството. Затоа и отидов во Шалке. Нормално е тоа, ми понудија подобар договор“.
НАБРЗО СФАТИЛ ДЕКА ЗГРЕШИЛ
Бразилецот брзо заминал од Вердер и се преселил во 500км оддалечениот Гелзенкирхен. Но уште на првата прес-конференција правел циркузи па Младен Крстајиќ кој со него дојде во Шалке од шампионскиот Бремен не можел да одговара на прашањата од смеење.
Во Гелзенкирхен кулминирал забавниот Аилтон. Еднаш додека цел тим возел велосипеди тој дошол на коњ. Друг пат фотограф дошол кај него во соба да го фотографира а цела соба била посеана со гумени бомбони.
Но на теренот не било така весело. Шалке изгубил три од првите четири меча. Аилтон првиот гол го дал дури во деветтото коло а со Ханза Рошток добил црвен картон. После е историја: новиот тренер Ралф Рагник (во моментов селектор на Австрија) никако немал ист карактер со Бразилецот.
Но Аилтон влегол во форма постигнал 14 гола и имал 3 асистенции на 29 меча. И покрај тоа меѓусебната нетрпеливост со Рагник растела. На тренерот не му се допаѓала килажата и мрзливоста на напаѓачот а на овој предложените рамки и дисциплината која му ја ограничувала слободата.
Навивачите исто така не биле задоволни затоа што во чести интервјуа Аилтон зборувал како му фали Вердер Бремен, Лига на шампиони и дека му е досадно.
Во 31. коло Рагник го оставил Аилтон на клупа за резерви а овој во знак на протест во второ полувреме не дошол на клупата туку заминал во соблекувални. Рагник јавно рекол дека повеќе доверба има во шпицот Кевин Курањи.
„Мојот договор е до 2006-та. Имавме договор за можно продолжување на уште една година но уште сега кажувам дека нема ништо од тоа“, рекол Аилтон на полусезона.
Луѓето од Шалке добиле убава понуда од Бешикташ кој платил 3,5 милиони евра за Аилтон. Но после само неколку тренинзи Бразилецот влегол во кола и не се вратил со денови. Очигледно веќе не му било до фудбал.
„Мојата кариера ќе се развиваше поинаку ако не беше неуспешниот премин од Шалке во Бешикташ. Требаше само да имам трпение. Ќе беше попаметно да останев“, рекол Бразилецот.
ТРЕНЕРОТ НА БЕШИКТАШ ГО ВРАЌА ОД АЕРОДРОМ
После Шалке во Истанбул навивачите го пречекале како нов миленик но тој не покажал ништо. Тренерот Жан Тигана го нарекол „стар и дебел“, соиграчите го критикувале на тренинзите.
За црвен картон со Сиваспор Бешикташ го казнил Аилтон 85.000 евра па тој лут и навреден ги спакувал работите и тргнал да си оди. Еден од луѓето во клубот, Мехмет Екши го вратил од аеродром пред лет за Франкфурт.
Уште зимата Аилтон барал да го пуштат на позајмица во Хмбург но Бешикташ сакал само трансфер и продажба. Така и биднало но ни таму веќе не бил стариот добар Аилтон. Дал само три гола за пола година и цената му паднала драстично.
На крајот од сезоната 2005/2006 Хамбург се бореше со Вердер Бремен за второ место и директна карта за Лига на шампиони. Овој меч беше филмски: Аилтон заигра од почеток против својот сакан клуб. Во 65’ минута при резултат 1:1 Аилтон промашил пред празен гол. После седум минути Мирослав Клозе кој дојде наместо него во Бремен го постигнал решавачкиот победнички гол.
После Бешикташ Аилтон ја продолжи авантурата во белградска Црвена Звезда која за него плати 300.000 евра но тој на „Маракана“ дојде уште попоправен, здебелен и светлосни години далеку од шампионската форма од Вердер Бремен.
После само шест месеци Звезда го позајми во Грасхоперс каде постигнал осум гола но клубот не сакал да го откупи неговиот договор.
После сево ова, Аилтон заигра малку и во Дујзбург каде тренерот Руди Бомер се надевал на чудо но неговото време веќе прошло.
После нови разочарувачки партии од него раце кренал и Дујзбург каде редовно доцнел на собири и тренинзи. На критиките тој одговорил: „Да се даде гол за овој тим е нереално. Ни Самуел Ето не би давал голови за Дујзбург. Ја сум доба ама одбранава...“
После Дујзбург патот го однесе во Украина каде имаше уште еден неуспешен трансфер во Металург Доњецк. Не ни дошол на промоција каде го покажале само неговиот дрес со број 9. Добил годишна плата од 600.000 евра а нит тренирал доволно нит играл.
После тоа имало гласини дека ќе се врати во Вердер Бремен но не се вратил. Тогашниот тренер Томас Шаф кој со Аилтон ги имаше најубавите моменти во кариерата, рекол: „Тони е непостојано момче за да најде дом. Симпатичен човек но поведен од емоции поради кои запаѓа во нови нешта. Веројатно таков ќе остане до крајот од животот. Негово враќање не би било најдобро решение за него“.
После пробал да игра фудбал во австриски Алтах, во бразилски Кампиненсе и Рио Бранко, во кинески Женшен во германски Јурдинген (шеста лига), во Обернојланд (4-та лига) и во Хасија Бинген (шеста лига).
И се испоставиле зборовите на тренерот Шаф. Аилтон живее во мексикански Монтереј од каде е жена му, понекогаш оди на ранчот во Тексас, а некогаш се враќа и дома во Бразил. Во 2022-ра свратил до Бремен.
Во еден период излегло дека кубурел со пари па на eBay се појавила неговата награда за најдобар играч во Бундеслига. Аукцијата била затворена на 80 минути пред крајот а се испоставило дека наградата ја продавал неговиот менаџер кој тврдел дека Аилтон му должи огромна сума пари.
Сите го паметиме шармантниот буцко без кого ни Вердер веќе не беше тоа тоа ни тој беше тоа тоа без Вердер.
„Тој е весел дружељубив човек. Во супермаркетот каде што пазарам стои голем постер од Аилтон во реална големина. Секогаш се ежам кога ќе поминам крај него“, вели Вили Лемке, човекот кој го донел Бразилецот со авион во Бремен пред 25 години.
Во 2014-та година Вердер Бремен му организирал проштален натпревар на кој дошло целото семејство а Аилтон буквално рикал од солзи. Исто онака како во летото 2004-та кога ја освои шампионската титула. Само таму го сакаа таков каков што е....