
Френсис Узохо е лик на колото во Лига Европа. 23-годишниот Нигериец, висок 1.98 см, роден во Нвангеле, во 2017-та доаѓа да брани за шпански Депортиво Ла Коруња. После неколку сезони со Б тимот на Депор, го праќаат на пар позајмици.
Узохо има 18 настапи за репрезентацијата на Нигерија, но во Европа воглавно бранел за кипарските клубови Анортозис, Омонија и АПОЕЛ па не бил во центарот на внимание.
Откако на Кипар си ја нашол среќата, Френсис станал стандарден голман на Омонија од Никозија. Овој клуб сезонава стигна до групната фаза на Лига Европа, а таму на ждрепката им се падна големиот Манчестер Јунајтед.
А голманот Узохо од млад да ти бил голем, страствен навивач на Јунајтед. И се погоди да се сретне со нив. И не само да се сретне, туку да го има најдобриот меч во кариерата, да брани како луд и да ги собере симпатиите од сите па и од Кристијано Роналдо.
Пазете ова: Манчестер Јунајтед на мечот со Омонија имаше 78% посед на топка, 13 корнери, 22 шута надвор од шеснаесетник и повеќе од 10 удари во рамки на голот. А голманот Узохо запиша 12 чисти одбрани.
„Многу сум горд на него. Денес бранеше на светско ниво“, изјави тренерот на Омонија Нил Ленон (некогашен предводник на Селтик).
КАКО ПОЧНАЛА КАРИЕРАТА НА УЗОХО?
Езохо почнал да тренира фудбал во катарската академија Aspire која има свои филијали во Африка. Интересно иако има само 23 години Френсис Узохо веќе одамна е член на репрезентацијата на Нигерија, бил дури и на списокот репрезентативци за Светско првенство 2018.
Но годинава бил на силен удар на јавноста во Нигерија затоа што ја остави својата земја без Светско првенство откако на клучниот меч со Гана направи кардинален кикс поради кој Нигеријците не отидоа на Мундијал. Сите го кривеле него, а соиграчите застанале во негова одбрана.
Кога се преселил во Шпанија Френсис бил втор или трет голман во Депортиво и Елче во втората лига Сегунда, но кога сфатил дека му треба да брани стандардно, во 2019-та оди на Кипар, прво во Анортозис, па во Омонија, во АПОЕЛ и на крај пак во Омонија.
ГОЛЕМ НАВИВАЧ НА МАНЧЕСТЕР И РЕДОВНО ТВИТА ЗА ОВОЈ КЛУБ
Узохо подолго време коментира на секоја втора објава на официјалниот Твитер профил на Манчестер Јунајтед. Еднаш во улога на просечен, непознат Твитерџија го поздравил Давид Де Хеа и го нарекол негов идол а после мечот од соништата на „Олд Трафорд“ рекол:
„Да, јас сум голем навивач на Манчестер Јунајтед. Кога ја видов ждрепката и сфатив дека ќе играм на „Олд Трафорд“ јас се молев да добијам шанса. Ова е мојот најдобар меч“.
Узохо на Твитер често реплицира на објави поврзани со Јунајтед. Кога во клубот дојде Каземиро, голманот напишал: „Ти Каземиро за малку не ми ја заврши кариерата во Сингапур но сега ти простувам“. Уште не е јасно што се случило во Сингапур, веројатно некој пријателски меч на кој играле и двајцата.
За неговата блескава партија со Манчестер Јунајтед зборуваат сите, па така и стручниот коментатор Овен Харгрејвс, некогашен важен играч на клубот од „Олд Трафорд“:
„Тој имаше животна партија, неверојатен беше. Ќе го искористи овој момент. А кога ќе се помисли дека им бил резервен голман. Беше како ѕид. Неговиот агент ќе биде постојано на телефон сега. Ние сите имаме моменти, натпревари кои ја менуваат кариерата. Сега секој го знае неговото име. Мечот ќе му ја смени кариерата, најверојатно и животот. Спектакуларно е, ова е зошто спортот е тоа што е. Тој покажа дека е среќен со насмевката во интервјуто“.