Сопственикот на шпанскиот прволигаш Малага, Шеикот Абдулах бин Насер Ал Тани денеска донесе една необична одлука со која ја збуни спортската јавност. На Твитер напиша дека дресот кој го носеше Иско со број 22 кој замина во Реал Мадрид, од сега нема да може да го носи никој.
Повлекувањето на дресови со одредени броеви е долга традиција во американските спортови, како на пример во НБА лигата, но таму зборуваме за Мајкс Џордан, Меџик Џонсон, Бил Расел и уште многу легенди од најквалитетната кошаркарска лига во светот.
Таа тенденцја се следи и во фудбалот, како на пример во Наполи, каде беше повлечена славната "десетка" на Диего Армандо Марадона. Манчестер Сити го повлече дресот со број 23 на Камерунецот Марк Вивиен Фое кој го загуби животот на сред натпревар пред точно 10 години.
Но во овој случај се работи за фудбалер на кој туку што му започнала кариерата и кој ќе треба допрва да докаже дали го заслужува тоа. Има многу причини зошто е прерано за такво нешто, а дел од нив се овие:
1. Има само 21 година
2. Одигра само 73 меча за клубот
3. Беше дел од Малага само 2 сезони
Според некои медиуми со овој потег раководните луѓе на Малага може и да загубат еден играч во својот состав, затоа што правилата наложуваат секој шпански клуб од прва и втора лига, мора да има 25 играчи кои ќе ги носат дресовите од 1 до 25.
Фудбалерите кои имаат право да носат поголеми бројки мора да потекнуваат од академијата на истиот клуб. Исклучок имало само во случајот со Еспањол кога дресот со број 21 бил повлечен во чест на Даниел Харке кој починал од срцев удар на само 26 години.