Потресна приказна за голман кој не памети дека некогаш бранел

Играл со Жан Пјер Папен и Дидие Дешамп. Но кога го прашуваат сега, одговара вака: „Ми рекоа дека сум бил фудбалер, но не се сеќавам“.

На Паскал Русо му се брише меморијата после повреда на главата пред пет години. Минатото го живее како спомен завиткан во целофан и ставен во замрзнувач, кој не се знае дали некогаш ќе дојде денот да го одмрзне.

Тој се обидува да ја состави сложувалката на својот живот, но секогаш му недостасува парче и кога конечно ќе го најде, го обзема неутешен очај бидејќи не може да дешифрира што има пред очи.

Му делува далечно и рамнодушно, како тоа повеќе да не го засега.

„Ми рекоа дека сум фудбалер, но не се сеќавам“, вели 62 годишниот Русо.

Неговата приказна има книжевен призвук, предизвикува нелагодност што може да се почувствува во одредени филмови на Кристофер Нолан како „Мементо“ и на крајот остава ретка меланхолија, пишува L'Equipe.

Веднаш зад најдобрите

Паскал Русо е роден во Париз во 1962 година, а на 4 март ќе наполни 63. Помеѓу 80-тите и 90-тите играл 169 пати во Лига 1 и има вкупно 425 официјални настапи во 21 година кариера, од 1982 до 2003 година.

Ги носел дресовите на Рен, Матра Рејсинг и Лил. Но, и на Олимпик Марсеј, со кој ја освоил шампионската титула во 1990 година. Тоа беше тимот на принцот Енцо Франческоли и освојувачот на Златната топка Жан Пјер Папен.

Поминал две децении француски фудбал, покажувајќи дека е сигурен голман, кој не е на исто ниво со најдобрите, од Џоел Батс до Фабиен Бартез, но е веднаш зад најдобрите. 

На крајот на својата долга кариера, на 40 години во Швајцарија и Ерменија, но обележана со серија повреди, Русо почнал да работи како агент за осигурување.

Утрото кое му го променило животот

Случката што му го променила животот датира од 2019 година. Едно утро додека одел од спалната соба во кујната за да појадува со сопругата, одеднаш паднал, ја удрил главата и се разбудил неколку часа подоцна во болница. 

Од тој ден повеќе не се сеќава на ништо. Како да му се распаднал првиот дел од животот. Избришан му е. Русо повеќе не го поврзува ликот на жената што ја сакал со оној на неговата сопруга, не ги препознава своите деца, веќе не знае кои се тие луѓе кои долго време му кажуваат дека се пријатели.

Кога му велат не се сеќаваш ли, Паскал? Ништо. Темнина. Тотална амнезија која специјалистите ја нарекуваат ретроградна дисоцијативна невроза. 

Посетува психотерапија, но има само мало подобрување. Одвреме навреме се среќава со некои од неговите стари соиграчи и редовно се дружи со Френк Лебеф, Максим Босис и Патрик Гилу. 

Понекогаш гледа видеа од себе. Но, сè е во балон, ништо не му се враќа. Ни спомените, ни чувствата од тоа време, ни доживеаната среќа. Минатото за Паскал Русо е како нешто туѓо.

Кам бекот со пријателите на терен

Голманот со амнезија се движи по видување, помеѓу вистината и измамата, чекајќи да дознае повеќе за себе. Со некои пријатели се вратил на теренот и облекол ракавици.

Се упатил кон голот, но без да почувствува нешто, како да гледа филм со главниот лик за кој мислел дека некогаш го видел некаде, но кој знае кој е. Сè му изгледа сосема ново. 

Сепак, неговиот претходен живот секој ден ја потврдува неговата важност, неговото достоинство, да биде вклучен во албумот со спомени што му припаѓа. Го прави тоа во исечок од весник.

Во Марсеј сезоната 1989/1990, Русо му бил резерва на Жан Кастанеда. А соиграчи му биле ликови кои ја испишаа историјата на клуб, како Папин, Дешамп, Франческоли, Тигана, Водл, Аморос.

Приказна раскажана во театар

Во визионерскиот лавиринт кој станал негов секојдневен живот, движејќи се меѓу пејзажите што ги евоцираат Алфред Хичкок и Салвадор Дали, Паскал Русо, бара одговори за своето минато како Џејсон Борн во сагата кој ја игра Мет Дејмон.

Не му недостига оптимизам, иако животот што претходно го градел му е распаднат. Во меѓувреме се развеле со сопругата, бидејќи биле двајца странци кои заедно со децата се мачеле да си го пронајдат заедничкото кое го имале претходно.

Денес мисли дека можеби е добра идеја да ја пренесе својата приказна во театар. Насловот е потресен: „Запомни ме“.

Само еден удар го остави голманот сам, засекогаш врамен во сликата од две стативи и една пречка, кој практично е гостин во куќа која повеќе не е негова.

11 февруари 2025 - 14:50