Потеклото на неверојатната ножна техника на Де Хеа

Шпанскиот репрезентативен голман речиси на секој натпревар, кога ќе му се укаже прилика, демонстрира врвна ножна техника - елемент кој го нема секој врвен голман.

На неодамнешниот меч против Тотенхем, Давид де Хеа имаше неверојатни 11 одбрани и ја потсети британската јавност дека во Англија не брани само Алисон Бекер. Голем дел од одбраните му беа со нозе што е посебна техника од неговата игра.

Англиските медиуми пишуваа дека на Де Хеа понекогаш не му се потребни раце да брани, но нивната теза брзо ја урнала статистиката: од почетокот на минатата сезона Де Хеа имал 199 одбрани од кои со нозе 23 (11,5%).

Меѓу голманите кои имаат повеќе од сто одбрани, најголем процент на одбрани со нозе има повремениот англиски репрезентативен голман Бен Фостер од Вотфорд (27 одбрани со нозе од вкупно 174 или 15,5%).

„Давид тоа не го прави по книга. Не паметам дека на тренинзите посебно сме работеле одбрана со нозе. Де Хеа не брани по учебник и тоа му успева. Неколку топки фати со нога и стана мастер во тоа“, рекол поранешниот голман и основач на подкастот „Сојуз на голманите“ Ричард Ли.

ОД КАДЕ Е ТАЈНАТА НА ДЕ ХЕА?

Како и многу млади Шпанци, својот спортски пат идната „единица“ на Јунајтед го почнал на мал-фудбал. До 14 години тој често бранел во сали и таму научил да брани со нозе. Како и голманите од мал-фудбал, така и тој ја развил ножната техника која сега е дел од неговиот арсенал одбрани.

Одбраните со нозе се негов препознатлив знак.

„Кога го гледам Де Хеа како да се гледам во огледало“, изјавил Луис Алмадо, легендарен шпански футсал голман.

Исто мисли и Тони Елиот кој повеќе од 10 години ја тренирал англиската футсал репрезентација. После мечот на „Вембли“ меѓу Тотенхем и Ман. Јунајтед, тој изјавил дека за 90 минути Де Хеа го прикажал целиот репертоар од мал-фудбал.

Во интервју за Sky Sports Елиот:

„Да беа други голмани, некои од шутевите ќе завршеа во гол, затоа што тие бранат по книга, по правила. Де Хеа оди контра правилата, тој прави како што смета дека треба. Мислам дека бранеше неверојатно“.

Де Хеа против Тотенхем правеше чуда по шутевите на Кејн и Деле Али.

Но тој не е првиот голман кој во голем фудбал применува методи од футсал. Елиот зборувал и за Пепе Рејна, некогашниот голман на Ливерпул.

„Кога првпат видов како брани веднаш помислив на мал фудбал. Во ситуации еден на еден Рејна излегува напред, широко ги крева рацете и нозете во страна. Тоа не е случајно. Рејна е Шпанец, во младоста бил во Барселона а таму мал-фудбал играат сите. Популарноста на овој спорт влијаела на многу играчи во голем фудбал“.

Елиот додава и дека англиски голман никогаш нема да го прави тоа што го прават Де Хеа или Едерсон затоа што никој така не ги учи.

„Англија е единствена земја каде во младоста не се игра футсал. Ние ги тренираме голманите со класични методи, но тие не секогаш се ефективни во играта, затоа што голманите тогаш немаат никаква алтернатива“.

 

3 февруари 2019 - 17:20