Португалска колонија слета во Рим

Кога Жорже Мендеш ќе се вмеша во некој трансфер, тогаш сè станува поинтересно. Благодарение на него, Лацио меѓу новите тројца играчи има засилување кое беше мета на Мурињо, Арсенал и Барса.

31 август традициционално е последен ден за трансфери и ден кога често се случува да пукне некоја бомба. Но бидејќи имавме две, (Нејмар и Мбапе), веројатно нема да се случи денеска да пишуваме за некој трансфер вреден 300 милиони евра, па фер плејови, па арапски, кинески или испрани пари.
 
Големо изненадување на трансфер пазарот денеска се случи во Лацио кој испазари тројца фудбалери и тоа сите од земјата која лани стана Европски првак. Се работи за двајца младинци кои во пакет стигнаа од Брага за 20 милиони евра и еден искусен соиграч на Роналдо од репрезентација, кој со Манчестер Јунајтед освои 4 титули во Премиер лига и една ЛШ.
 
Лотито и Таре од продажбата на Биља во Милан, Худ во Саутемптон и Кеита во Монако собраа 72 милиони евра и дел од тие пари ги инвестираа во следниве тројца:

ПЕДРО НЕТО
Се работи за лево крило за кое се интересирале Барселона, Арсенал и Жозе Мурињо, а Топџиите биле спремни да го купат со тоа што ќе понудат повеќе пари од Каталонците. Првиот професионален договор Нето го потпишал во март годинава со клаузула вредна 20 милиони и истек во 2020-та.
 
Минатата сезона тој стана најмладиот стрелец во историјата на Брага откако во неговиот деби настап во прва лига, постигна гол против Национал. Педро Нето е член на Португалија У-18 и се смета за еден од најперспективните млади португалски играчи.

БРУНО ЖОРДАО
Другиот има повеќе плејмејкерска улога, а во октомври ќе наполни 19 години. За сега има настапувано само за Б тимот на Брага и исто така е дел од репрезентацијата на Португалија за играчи до 18 години.

НАНИ
Друштво ќе им право едно познато и веќе докажано име на меѓународната сцена кој има вкупно 12 трофеи со Манчестер Јунајтед и кој лани го освои Европското првенство во Франција.
 
Нани лани за тимот на Валенсија на 25 настапи во Ла Лига имаше 5 гола и 8 асистенции, но на првиот меч сезонава против Реал Мадрид 2:2, тој не влезе во игра.
 
30 годишниот Нани кој има 8 годишен стаж во Премиер лигата, а има играно и за Спортинг и Фенербахче, се очекува да биде одлична замена за Кеита кој замина во Монако за 35 милиони евра.

Лацио претходно ги купи Лукас Леива од Ливерпул, Адам Марушиќ од Остенде, Фелипе Каиседо од Еспањол и Давиде Ди Џенаро од Каљари, но со оглед на тоа што зад трансферите на двајцата суперталенти, како и оној на Нани стои моќниот агент Жорже Мендеш, очекувањата од новите деца на Лацио се големи.
 
Во контекст на овие засилувања, интересна е денешната изјава на Фернандо Орси, кој му беше помошник на Роберто Манчини во Лацио (2002-2004).
„Кога јас му бев помошник тренер на Манчини, тој од претседателот Серџо Крањоти бараше по секоја цена да му донесе двајца играчи од Спортинг. Но тие беа премногу скапи и тогашниот претседател на Лацио не ги купи. Инаку нивните имиња се Кристијано Роналдо и Кварезма“.
31 август 2017 - 16:11