Во денешно време љубителите на фудбалот се навикнати да читаат за расфрлањето со пари на Манчестер Сити, Челси и ПСЖ, а своето познавање на работите околу водење на еден фудбалски клуб го базираат на искуството од игрицата Football Manager.
Еден од оние кој е често пати жртва на коментарите на „стручњаците" е и менаџерот на Арсенал, Арсен Венгер. Арсенал во последниве години е во плус од продавање на играчи, па од таму многумина го критикуваат Венгер дека е скржав, но причината заради која Французинот купува само млади и ефтини фудбалери е што расфрлањето со пари може да има катастрофални последици.
Кога во 2003-та година започна изградбата на новиот стадион на Арсенал, познато беше дека трошоците ќе изнесуваат околу 400 милиони фунти. Венгер мораше да избира помеѓу купување на млади и поевтини фудбалери или ризик со доведување на поскапи играчи со надеж дека тие ќе донесат трофеј.
Венгер избра да не ризикува, а доказ дека не згреши е тоа што тој успева да го одржи Арсенал во Топ 4 во лига каде пола од тимовите вложуваат повеќе.
Еден класичен пример за тоа како со ризикување може да се уништи еден клуб е Портсмут. Во 2005-та година, клубот го превзеде Русинот Александар Гајдамак. Неговата математика беше дека со освојување на трофеи, ќе се зголеми популарноста на клубот и тој ќе може да заработи пари. Веднаш почна да доведува ѕвезди и Портсмут само за една сезона дури три пати го рушеше клупскиот трансфер рекорд.
Портсмут го освои ФА купот во 2008-та година, но тоа не придонесе многу за зголемување на популарноста и профитот на клубот, а долговите само се зголемуваа.
Следната сезона Портсмут три пати смени сопственици и стана првиот клуб од Премиер лигата кој започна стечајна постапка и се преселија во втора лига.
По многу сменети сопственици од кои еден заврши и во затвор, навивачите на Портсмут минатата недела го спасија од згаснување со пари од свој џеб и станаа најголемото навивачко друштво кое ќе во иднина ќе раководи со екипата.
Но веќе е предоцна. Клубот кој пред неколку години во своите редови имаше големи ѕвезди и се бореше за горниот дел од табелата во Премиер лигата, од следната сезона ќе игра во 4-та лига и само заради расфрлањето со пари и недомаќинското работење на клубот на кое се противи Венгер.